Инспектори ќе контолираат дали се почитуваат здравствените протоколи за време на викендот без ДДВ

Инспекциските служби за време на викендот без ДДВ, ќе продолжат со интензивни контроли на терен, во делот на почитување на здравствените протоколи, како и на цените на производите.
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе спроведува контроли со цел да се спречат можни манипулации со цените на производите, информираат од Владата.
„Конкретно ДПИ ќе врши контрола дали цените на производите воведени во трговските книги на трговците, соодветствуваат со истакнатите цени на производите. Паралелно ДПИ, ќе спроведува интензивни контроли во однос на почитување на здравствените Ковид-протоколи во моловите и трговијата на мало (маркети, бутици итн). Конкретно, во моловите, дали се почитуваат мерките во делот на одржување на физичко растојание меѓу купувачите и продавачите од 2м, работно време, дали е обезбедена заштитна опрема (маски и ракавици), одржување на ред за влез во продавниците, обезбедени средства за дезинфекција, редари, регулирање на бројот на купувачи согласно квадратурата на продавницата, ред при пробување во продавниците за облека, обeлежани места за чекање пред касите и друго.


Во делот на трговијата на мало, ќе се контролира почитувањето на протоколите во однос на запазување на големината на објектот и дозволеното присуство на бројот на купувачи, заштитна опрема за вработените (маски и ракавици), редарска служба, соодветни ознаки за правец на движење. За непочитувањето на здравствените протоколи предвидени се глоби во зависност од големината на трговците“, се наведува во владиното соопштение.
Инаку, на последната владина седница се усвоија измените на Законот за заштита на населението од заразни болести со кои сите инспекциски служби ќе добијат нови поголеми овластувања за справување со прекршителите на Ковид-протоколите.
Досега само Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаше овластувања да изрекува мерки, а другите инспекциски служби само поднесуваа кривични пријави. Со новите законски измени вакво овластување за изрекување на забрана за работа и прекршочен платен налог добиваат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и другите инспекторати на централно и локално ниво.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.