Дел од родителите на децата кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денес се сретнаа со директорот на Институтот за судска медицина во Скопјe, Александар Станков, од кого пред неколку дена побараа одговори во врска со токсиколошките анализи од обдукцијата на телата на жртвите.
Директорот на Институтот за судска медицина во Скопје, Александар Станков, во изјава за медиумите по средбата рече дека разговарале и сè што требало да се објасни им било објаснето и дека сите докази ќе бидат јавно презентирани во судницата.
„Разговаравме и сè што требаше да се објасни досега им е објаснето. Како што изјавив претходно, сè што беше побарано од нас е завршено и сите докази ќе бидат јавно презентирани за време на судските рочишта“, изјави Станков.
Александар Наунов, таткото на Надица Наунова која загина во пожарот, а кој е претседател на Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“, по средбата со директорот на Судска медицина Александар Станков, изјави дека ги примил и разговарал со нив, но дека не може да даде никакви информации во врска со извршените анализи, уверувајќи дека материјалите се доставени до Обвинителството.
„Денес нè прими директорот Александар Станков, разговаравме со него. Не може да каже што е и како е, мора да биде изведен на суд“, рече Наунов.
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, кој избувна на 16 март 2025 година, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, продолжи денес во судницата во Идризово.
Судењето е во фаза на изведување докази и се испрашуваат сведоци предложени од обвинителството. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевски, додека обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители.
The post Институтот за судска медицина ја завршува анализата на трагичниот пожар во Кочани, резултатите ќе бидат презентирани на суд appeared first on Во Центар.



