Министерството за здравство треба да изработи анализа за безбедноста на овој производ од здравствено-токсиколошки аспект, додека Министерството за земјоделство е задолжено да формира работна група која ќе проверува како проблематиката со никотинските кесички е решена во законодавствата на ЕУ и земјите од Западен Балкан
Инаку, „360 степени“ објави серија стории за овој производ, кој во земјава се увезува без посебна регулатива и е лесно достапен за младите, иако носи ризик за нивното здравје. Некои видови „снус“, во една кесичка, содржат и до 13 пати повеќе никотин отколку една цигара
Владата на денешната седница ја разгледала и усвоила информацијата од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за законскиот основ на никотинските кесички или популарно наречени „снус“.
Во врска со ова прашање кое опфаќа повеќе аспекти, а кое што го отвори „360 степени“, од Владата информираа дека се дадени задолженија до повеќе надлежни органи и институции, првенствено до Министерството за здравство.
„Ова министерство треба да изработи анализа со којашто ќе се утврди дали никотинските вреќички се безбедни за населението од здравствено токсиколошки аспект и дали производот треба да биде во слободна продажба во Република Северна Македонија, или при евентуално одобрување на пазарот треба да се стави забрана за продажба на лица помлади од 18 години“,
се наведува во соопштението на Владата по денешната 12. Седница.
Задолжение има и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кое треба да формира работна група со претставниици од Министерството за здравство, Царинската управа, Државниот инспекторат за земјоделство и Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Северна Македонија (МАЛМЕД),
Оваа работна група, како што се наведува, ќе треба да изработи компаративна анализа на законодавствата за проблематиката со никотинските кесички во Европската Унија и во земјите од Западен Балкан и да даде предлози за изменување и дополнување на прописите со кои се регулира здравствената безбедност, прометот, даноците и акцизите за овој производ.
Основа за ова ќе биде изготвената анализа од Министерството за здравство, се наведува во соопштението.
Дека Министерството за земјоделство изработило детална информација со која, ако помине на владина седница, Владата ќе го задолжи Министерството за здравство да направи анализи за безбедноста и сигурноста на овој никотински производ, неодамна информираше министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
На 12 март преку објава на неговиот фесјбук-профил тој информираше и дека тој заедно со претставници на Министерството за здравство, за екомонија и за финансии, како и со Царинската управа, Државниот инспекторат за земјоделство и Пазарниот инспекторат разговарале за Информацијата за законскиот основ за никотонските кесички со предлог-заклучоци.
„Како министерство земавме обврска да ја информираме Владата за здравствено-токсиколошката анализа и компаративната анализа, по што Владата ќе заземе став за евентуалното пуштање во промет на производот никотински кесички, односно пристапување кон формирање на работна група заради подготовка на законски измени во таа насока“,
напиша Николовски на Фејсбук.
Претходно министерот за земјоделство потсети дека никотинските кесички не се опфатени со Законот за тутун бидејќи не содржат тутун, туку никотин и помошни состојки.
Законот е целосно усогласен со директивата на Европската Унија, која, сепак, не го регулира овој производ, туку европските земји поединечно одлучуваат каква ќе биде политиката кон него.
Инаку, „360 степени“ објави серија стории за овој производ, кој во земјава се увезува без посебна регулатива и е лесно достапен за младите, иако носи ризик за нивното здравје. Некои видови „снус“, во една кесичка, содржат и до 13 пати повеќе никотин отколку една цигара.
Иако Државниот инспекторат за земјоделство уште од април 2023 година тврдеше дека не се издаваат дозволи за увоз на никотински кесички, „360 степени“ го најде тој производ во продажба со датум на производство далеку по датумот на наводната забрана. Од Царината тогаш признаа дека никотинските кесички во земјава се увезуваат без пречки и ограничувања и без потреба од каква било дозвола затоа што не се законски регулирани.
Причината поради која редакцијата на „360 степени“ почна да истражува на темата „снус“ беше алармот од родители со поплаки дека децата без проблеми доаѓаат до производот кој содржи високи количини никотин. За да се увериме во таквите тврдења, излеговме на терен со деветтоодделенец на 14 години, со дозвола на неговите родители. Во сите трафики во кои побара, му продадоа „снус“ и покрај тоа што на кутијата пишува дека е за лица над 18 години.
Направивме и анонимна анкета меѓу средношколци која потврди масовна (зло)употреба на овој производ.
Никотинските кесички го вкучија алармот и во училиштата. Во скопската гимназија „Орце Николов“ на почетокот на второто полугодие на учениците и родителите им беше поделен материјал со информации за штетните последици по здравјето на младите што може да ги предизвика злоупотребата на „снус“.
Универзитетскиот професор и клинички токсиколог Андон Чибишев објасни дека тоа е производ кој во некои земји се користи за одвикнување од цигари, но секако е штетен за непушачи.
Кесичката „снус“ се става меѓу усната и непцето, со што се стимулира ослободување никотин кој посредно навлегува во крвотокот.
За потсетување, во некои европски земји никотинските кесички се забранети, во некои се дозволени, додека во трети се води дебата дали да се дозволи продажба која, секако, би била законски регулирана.