Инфо за скопски поетски фестивал

Од 1 до 3 септември ќе се одржи првото издание на новооснованиот интернационален Скопски поетски фестивал. Фестивалот ќе може да понуди околу една четвртина од првично планираната програма, која најпрво беше преполовена поради недобивањето поддршка од страна на Министерството за култура (во два наврата), а дополнително е скратена заради актуелната состојба со ковид во државата. Сепак, и во вакви околности, одлучивме да го одржиме првото издание, главно со домашни поети, но и со пет странски поети, од кои дел ќе бидат лично присутни, а дел ќе се претстават со видеопроекции.

Дваесетина поети од регионот и од Европаизразија поддршка и го поздравија основањето на фестивалот со видеопораки и со песни, коишто можат дасе видат на нашите „Инстаграм“ и „Фејсбук“ профили, како и на нашиот „Јутјуб“ канал.

На отворањето на фестивалот, на први септември од 19.00 часот во МКЦ ‒ Скопје, ќе читаат дузина поети на настанот наречен „Стихофренија“, тематско поетско читање посветено на народната поезија и фолклорот воопшто, а за таа цел читањето ќе биде и музички поддржано со настап на дел од членовите на ВИС „Тркалезна маса“. Ќе биде отворена и ликовна изложба на која 16 ликовни уметници и графички дизајнери ќе се претстават со свои дела што се директно инспирирани или комуницираат со конкретна песна на секој од поетите што ќе настапат на фестивалот.

На втори септември, исто така со почеток од 19.00 часот, на истата локација, ќе бидат претставени поетите од странство: Сергеј Тимофеев од Латвија, Марија Дејановиќ од Хрватска, Танос Гогос од Грција, Ким Симонсен и Вонбјошт Ванг од Фарските Острови, како и македонската поетеса Лидија Димковска, а ќе се емитуваат и неколку куси поетски филмови: дел од нив се наменски снимени и инспирирани од песни на поетите што ќе читаат на интернационалната вечер, авторство на Валентина Бактијаревиќ од Србија, а остваривме и соработка со „Киноскоп“, фестивал на аналогни и експериментални филмови од Белград, Србија, чиишто организатори за нас направија избор од шест куси поетски филмови од автори од САД, Јапонија, Германија и Канада.

За третиот ден на фестивалот, планиран е мастерклас, односно работилница за креативно пишување поезија што ќе се одржи преку платформата „Зум“ во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје и Институтот за македонска литература. Работилницата ќе ја води Ким Симонсен од Универзитетот во Амстердам, кој вакви работилници одржал и на други универзитети, како што се Оксфорд и Станфорд. И со тоа ќе заврши програмата на фестивалот.

Фестивалот е поддржан од Град Скопје, од Младинскиот културен центар ‒ Скопје, како и од винаријата „Стоби“.

Учесници поети: Павлина Атанасова, Биљана Стојановска, Лира Бојку , Ким Симонсен, Снежана Стојчевска, Диме Данов, Јулијана Величковска, Вонбјошт Ванг, Ива Дамјановски, Владимир Мартиновски,  Лидија Димковска, Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески, Танос Гогос,  Марија Дејановиќ и Сергеј Тимофеев.

Учесници ликовни уметници и графички дизајнери: Зоран Кардула, Ване Костуранов, Никола Пијанманов,           Андреј Павлов, Воскресија Андреевска, Тони Попов, Марио Каев, Калин Маловски, Диме Данов, Александар Иванов, Наталија Лукомска, Филип Мартиновски, Ива Јованова, Владимир Лукаш, Емилија Мишева и Владимир Илиевски.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.