Од Институтот додаваат дека спроведувањето и емитувањето на анкетите на јавното мислење во предизборието е исклучиво во соработка на ИПИС и МРТ и дека во процесот не е вклучена каква било трета страна
Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС), кој во соработка со МРТ изминатиов период спроведе серија испитувања на јавното мислење во пресрет на двојните избори, денеска најави дека ќе поднесе тужби по обвинувањата кои ги изнесе СДСМ оти анкетите биле лажни и по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ.
„Со жалење можеме да констатираме дека дел од општествените чинители наместо да бидат корективен фактор кој ќе се бори и ќе ги сузбива лажните вести и дезинформации, тие во одредени случаи се и самите креатори или поддржувачи на иститите. За изнесените невистини поврзани невистини поврзани со ИПИС ќе се преземат сите правни средства кои ни стојат на располагање вклучително и тужби пред надлежните судии“,
се вели во реакцијата на ИПИС.
Од Институтот додаваат дека спроведувањето и емитувањето на анкетите на јавното мислење во предизборието е исклучиво во соработка на ИПИС и МРТ и дека во процесот не е вклучена каква било трета страна, односно друг правен субјект, организација или физичко лице.
„Во однос на прецизноста и методологијата на самите анкети, ИПИС со сето свое искуство и минат труд стои зад резултатите кои се објавуваат. За точноста на податоците од истражувањата на ИПИС доволно е да се направи единствена компарација со претходните изборни циклуси или референдуми во изминатите петнаесетина години каде што јасно може да се види дека сите проекции на изборните резултати кои ги објавил ИПИС се точни, односно во рамки на дозволената маргинална грешка“,
додаваат од Институтот.
Покрај од ИПИС, денеска и од Македонската радио-телевизија ги отфрлија како неосновани обвинувањата на СДСМ оти анкетите на Институтот кои беа објавени на МРТ се лажни и по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачкиот СДСМ, објавувајќи документи, денеска обвини оти ВМРО-ДПМНЕ направила оперативен план кој се однесува на пласирање на лажни анкети за рејтинзите на политичарите и партиите кои во изминатиот период се објавувани во емисијата „Објектив“ на јавниот сервис и за други активности како пласирање лажни вести.
По ваквите обвинувања, ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе тужба за клевета против СДСМ.