Воените сили се упатуваат кон локацијата и се надеваат дека ќе имаат добри вести, соопшти иранската државна новинска агенција
Воени екипажи се упатуваат кон локацијата каде се урна хеликоптерот во кој се превезуваше иранскиот претседател Ебрахим Раиси, пренесува Си-ен-ен, повикувајќи се на изјава од иранскиот воен командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) во провинцијата Источен Азербејџан. Асгар Абасголизадех за државната новинска агенција ИРНА изјавил дека добиле сигнал од хеликоптерот и мобилниот телефон на еден од членовите на екипажот.
„Воените сили се упатуваат кон локацијата и се надеваат дека ќе имаат добри вести“,
изјавил командантот.
Претходно, иранскиот заменик-претседател Мохсен Мансури изјави дека двајца патници од хеликоптерот со кој патуваше претседaтeлот Ебрахим Раиси, успеале да искомуницираат со спасувачките сили. Мансури истакна дека тоа значи оти несреќата најверојатно била со помал интензитет.
Во меѓувреме, повеќе држави понудија помош во потрагата. Меѓу првите беа Ирак и Азербејџан, а поддршка изразија и Катар, Турција и Русија.
Европската комисија го активираше системот „Коперник“ за сателитско мапирање кој, како што соопшти европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчич, се активира на барањето на Иран за помош.
Хеликоптерот во кој се превезуваше иранскиот претседател Ебрахим Раиси се урна додека минувал планински терен во густа магла на враќање од посетата на границата со Азербејџан.