Од Државната лотарија информираат дека исплатена најголемата досега, рекордна „седумка“ вредна 1,7 милиони евра, или 109.012.304 денари.
Добитникот е од Охрид и веќе ги посетил просториите на Лотаријата, но сакал да остане анонимен.
– Најсреќниот Охриѓанец ги посети просториите на Државна Лотарија и ни раскажа за својата убеденост дека еден ден ќе дoбие 7-ка на Лото, па редовно и упорно уплаќал по 10 комбинации и по еден Џокер или вкупно 330 денари по коло. Бројчињата често ги менувал, дел од свои среќни броеви, дел по сопствен случаен избор, а некои колони ги избирал со квик-пик, велат од Државната лотарија.
– Иако на Лото може да добие и некој што случајно ќе уплати само 30 денари за една колона, јас бев упорен, на среќата мора и да ѝ се помогне. И сите што упорно и верно играат треба да добијат. Ете, сега било мојот ред. Сега сум јас како избран од среќата и награден за мојата упорност. Со среќата не се знае. Јас сум благодарен и на сите други играчи, сите учествуваа во оваа моја добивка. Јас нема јавно да ја споделам среќата, но дел по дел ќе ја делам. Сакам да останам анонимен, како што ќе бидат и моите донации за сите на коишто ќе им помагам, раскажал среќниот добитник.
„Седумката“ е прва што паѓа во Охрид. Во историјата на игрите на среќа на Државната лотарија, највредната награда 12 пати паднала во Скопје, петпати во Битола, по двапати во Кичево и во Куманово и по еднаш во Свети Николе, Тетово, Неготино, Струмица, Кавадарци и Кочани.