Како го запознав. На кое друго место, ако не во Охрид, преку лето. Во Скопје почнаа жештините, не се издржуваше. Главата ми пукаше од премногу работа. Во четврток се слушнавме со Марија. Исто така и таа сакаше малку да здивне за викенд. Решивме во петок, по работа, со нејзиниот автомобил директно да одиме во Охрид. Сакавме само да одмориме, без да одиме на плажи, а уште помалку по кафулиња и дискотеки, пишуваат од скопјеинфо.мк.
Апартман најдовме подалеку од центарот. Долгото туширање и погледот кон езерото од апартманот под Самуиловата тврдина беа како измислени за еден релаксиран викенд. Но, да знаев што ме чека таму долу, во градот, воопшто немаше да излезам од дома тоа утро.
Вечерта, како за разонода се спуштивме кон чаршијата. Таму вообичаено за летна сезона. Метеж, дотерани, исончани. Некои со деца, некои парови, а некои тргнати во брз „лов“ за да си го пополнат времето со летна авантура.
Тогаш немав момче. Со Боби прекинавме пролетта и веќе почнав да го заборавам. Марија веќе беше свршена со Маријан, па ми беше некако утеха дека ќе имаме мирен викенд, без нашите „лудувања“ во кои не знаевме што е ден, што е ноќ.
Седнавме во кафулето до езерото. Искористивме малку шарм, па келнерот веднаш ни најде маса, малку издвоена од другите, токму како што сакавме – да уживаме без да мораме да сретнуваме познајници, а уште помалку „добронамерни“ незнајници.
Со Марија секогаш бевме отворени и постојано имавме за што да зборуваме. Ѝ се смеев за Маријан, дека е нејзина копија, само што си додал едно Н на крајот од името. Таа, пак, знаеше остро да ми врати: – Стара мома! Никој, никому не се лутеше.
Во таков тон ни продолжи разговорот, без да бидеме свесни дека некој отстрана го гледа нашиот мал остров во кој си бевме како затворени. Не знаел како да ни пристапи, па ја искористи старата финта – го прати келнерот да ни донесе две нови пијачки.
Од учтивост, ги прифативме. Но, тој таа вечер тргнал во лов и не се откажуваше од намерата да ни се доближи. Само не знаевме на која се настрвил. Од шанкот, каде што стоеше, подигна чаша да ни наздрави. Од слабото светло не можев да го видам како изгледа, но кај мене почна да се јавува некој немир. Знаев дека кога-тогаш ќе дојде.
Не помина многу време и ете го – застанат над нас двете. Среден, дотеран, уреден, избричен, а што ѝ требаше на таа месечина баш тогаш да го осветли. „Какво тело“, помислив и ме полазија морници.
Се прекорив од самата помисла. Не сакав никакви авантури тој викенд, но нешто не ми даваше да бидам типична „дигната“ скопјанка. За чудо, прва му реков: – Седни, придружи ни се. Марија ме погледна како да ќе ми влепи една преку лице. Ѝ вратив со поглед и само низ мислите ѝ одговорив: „Извини, Марија, ми се допаѓа“.
Шармантен, со убава насмевка, неверојатна смисла за хумор, пријателски настроен. Таков беше од почеток. Како да се знаеме со години со Петар, така се вика. За кратко време заборавив на Марија. Се свртев кон него и речиси и не престанавме да зборуваме. Во еден миг само забележав како мојата другарка станува, ме поздрави и замина во апартманот. Не беше многу среќна за мојот нов познајник.
Останав со него. Кафулето затвори и повеќе од јасно ни беше дека уште ни е рано да си одиме. Заминавме во еден од клубовите во близина. Од гласна музика не можевме да се чуеме, но не ни пречеше.
Малку по малку климавите движења во ритамот на музиката ги претворивме во танц во кој бевме сè поблиску еден до друг. Ух, мислам дека ќе пукнев од возбуда. Или ми беше навистина убаво или, пак, алкохолот веќе почна да дејствува – опуштеноста по која дојдов почнав брзо да ја чувствувам. Одевме од клуб во клуб, нагоре-надолу и којзнае како се најдовме кај Канео.
Како да знаел дека го обожавам тоа место. Седнавме на една од клупите. Веќе беше доцна и немаше никој. Тогаш беше моментот. Ме бакна, прво нежно, но како да чекал и тој цела вечер и почна страсно да ме бакнува. Му возвратив со иста мера. Го прегрнував, го бакнував, како да се изгубив за миг.
Страста толку нè совлада, што рацете почнаа да ни „шетаат“ по забранетите подрачја. Заборавивме дека се наоѓаме во близина на црква и не престанавме. Не требаше таму да го направиме ТОА таа вечер. Од тој миг, па натаму како да бевме жигосани.
Викендот го поминав со него, на Марија речиси ѝ заборавив. Таа не покажуваше, но беше јасно дека ми се лути. Марија како да знаеше дека има нешто што не е во ред со „идеалниот“ шармантен Петар. Дојде недела и таа си замина. Зедов слободни денови и останав со него уште цела седмица. Тие денови уште ги паметам. Како да бевме двајца тинејџери што ја откриле љубовта… или, пак, тоа само јас си го замислував.
Тогаш не водев сметка за повремените разговори што ги правеше на телефон од терасата, што одеше до продавница во ниедно време, што се правдаше дека е волк самотник кога ќе го прашав каде му се пријателите.
По една недела заминавме – и тој живееше во Скопје. На враќање, како што се доближувавме до градот, како да стануваше сè потивок. Ме однесе до дома во Аеродром, ме бакна страсно и си замина.
Тогаш како да исчезна. Го снема цела недела. Ми се јави само една вечер: – Сашка, ќе те соберам во седум, ок? Како да му кажев НЕ. Седнавме во последното од кафулињата на кејот. Само што ги добивме пијачките, ме фати за раце и рече:
– Мислев ќе биде само викенд-авантура, но се заљубив во тебе.
Прво што си помислив беше „клише, зарем не знаеше нешто покреативно да кажеш“. Но, тогаш следуваше шок: – Женет сум.
Мислев се шегува, но беше сериозен. Го погледнав. Ме гледаше право в очи. Извади и бурма и ја стави на рака: – Да, женет сум. Викендов беше неверојатна. Успеа да ме поместиш од место. Мислам дека се заљубив во тебе. Но, ако сакаш, слободно стани и замини си, ќе те разберам. Ти избираш.
Што направив јас – останав. Да, останав и тогаш му стана јасно – ќе трчам по него. По првиот шок, сепак сакав да заминам, но останав како закована на местото. Ме фати за дланките, ја извади бурмата и повторно ме бакна, пред сите во кафулето.
Што ми се случуваше. Наместо тој да се „чува“, јас се ѕверев наоколу да не случајно некој го види дека е со друга. Повторно ме бакна. Не останавме долго. Не сакав ништо да го прашувам. Влеговме во автомобилот и заминавме кај мене.
Од таа вечер почнаа маките. Се гледавме на неколку дена, преку една недела, за викенди. Одевме на разни места во градот. Некогаш се грижеше да не го забележат, но имаше моменти и кога воопшто не водеше грижа. Одвреме-навреме запознавав понекој негов другар, но роднини никогаш.
Една вечер даде чуден предлог: – Ајде кај мене дома!
Се сепнав: – Сигурен си, па жена ти е дома!
– Што има врска, ќе те претставам како другарка на Сашо (така се викаше другар му) и тој ќе дојде со нас.
Така и се случи. Скоро опијанети заминавме во Карпош. Влегов кај него дома, првпат ми ја отвори вратата од неговиот свет. Пред нас се појави Ирена, жена му. Со долга права коса. Прв влезе тој, па Сашо, па јас, последна, како исплашено кутре.
Ми беше непријатно. Се чувствував виновна, но и пргава во исто време. Ме повлече играта што тој ја почна, па решив да си ја одиграм улогата како другарка на Сашо.
Жена му поседа со нас некое време. Договорот беше таа да се спреми, па сите заедно да излеземе, како парови. Тој и Ирена, јас и неговиот другар. Ирена замоли да ја почекаме половина час да се истушира, па сите да одиме.
Но, додека Ирена не беше со нас, Сашо реши да замине порано. Ќе нè чекал во град. Останавме сами со Петар. Јас и тој во дневната соба, а жена му во бањата. Ме погледна. Го препознав тој поглед. Истиот, дивјачки, кој тргнал во лов. Ме допре за рака. Малку се поттргнав, но останав в место.
Ми се доближи. Знаев што сака. Не водеше сметка дали ќе бидеме откриени. Мене ми беше повеќе срам, но откако почна да ме бакнува, сосема заборавив на можните последици. Страста бликна. Не се воздржавме. Тоа што го доживеавме беше краток, но див секс на софата во дневната соба… Таа ноќ Ирена не дозна ништо.
Со Петар имавме чувство како да сме освоиле некој пехар што ја надитривме Ирена. Не сфаќав дека јас бев таа што губи. Марија ми го рече истото и целосно ми го сврте грбот откако ѝ кажав што сум направила.
Станавме егзибиционисти, па почнавме истото да го правиме и по забави, каде што постојано бев „другарка“ на Сашо. Додека другите се забавуваа, со Петар се пикавме по собите од становите и куќите да си ги исполниме желбите. Но, сè си има крај.
Една вечер отидовме кај него дома, но без Сашо. Му се смачи да ни биде заштита. Ирена не беше дома. Се почувствував како јас да сум сега господарка во неговиот дом. Си замислив како веќе живееме заедно. Пред мене како да стоеше идеалниот партнер со кого сакав да го поминам остатокот од животот.
Таа храбра замисла ме заслепи. Како да сум во сопствен дом, по моја иницијатива влеговме да се тушираме заедно. Каква грешка. Секако, туширањето не ни беше ни на крај памет. Затоплената бања, пареата, влажните и голи тела уште толку ни ја разгореа страста.
Никој не се сети да заклучи врата! Како можевме, основна грешка. Па, не сме шпанска серија евтино да нè откријат. Но, тоа ни се случи.
Вреснав. Ја видов Ирена како стои зад замагленото стакло од кабината во бањата. Нема да го заборавам тој поглед. Продорен. Мислев дека ми го копа срцето и го кине на парчиња. Петар ѝ беше свртен со грб, го пропушти тој момент. Додека да се сврте кон неа, Ирена како со поглед да ми кажа „Чувај си го!“ и замина. Излезе од станот и нè остави сами.
Ми стана жал за неа, но требаше самата да се жалам. Таа како да го чекала тој момент. Цело време знаела што се случува. На излегување во чантата ми оставила писмо, а со него и цеде. Не му ги покажав на Петар, кој за чудо беше цело време рамнодушен. Дури и изгуби интерес за мене.
Бргу си заминав. Во такси го отворив писмото, а на него само напишано: „Не си единствената“. Дома го ставив цедето во компјутер и се шокирав. Дискот беше преполн со видеоснимки. Се видов себеси, го видов Петар, видов и уште многу други девојки како доаѓаат како другарки на Сашо и седнуваат на истата гарнитура во дневната.
Истото сценарио. Сашо си заминува, од Ирена ниту трага, а тој почнува да им зборува дека ги сака, дека е смртно заљубен во нив, дека можат да си заминат ако не сакаат да седат. Им ги дава истите подароци што и мене ми ги даваше – тенко ѓерданче со кристали и позлатена нараквица. Но бројот им е премал, па ги зема подароците назад со изговор дека ќе ги замени. Мене никогаш повторно не ми ги даде.
Цело време снимал во дневната. Меѓу сите тие девојки што се појавуваа се видов и себеси гола со него над мене. Ги собирал снимките од нас како трофеи. Како овие видеа дошле до Ирена, воопшто не ми беше јасно. Не сакав ни да знам. Решив никогаш да не го побарам. Мислев ќе се јави да објасни барем нешто, но го снема, како ништо да не постоело.
Поминаа пет години оттогаш. Скопје е мал град, па дознав дека Петар заминал во Хрватска, а станот во Скопје го продал. За Ирена некој ми кажа дека била бремена тогаш кога јас бев со него, но абортирала по инцидентот и се развела од него. И таа си заминала од Македонија.
Денес сум во врска со Никола, го запознав пред две години. Живееме заедно и не дозволуваме никој да ни ја растури хармонијата. Но, Никола не знае за мојот страв – и ден-денес се плашам дека некое утро на „Фејсбук“ ќе се видам себеси како лежам гола под Петар.