И во пандемија мора да се исплати К-15, износот е 10.956 денари

Според Општиот колективен договор за стопанството, кој има сила на закон, вработените во приватниот сектор може да очекуваат по 10.956 денари за надоместок за годишен одмор, популарно наречен К-15. Утврдувањето на износот според Договорот, се врши врз основа на податоците за просечна нето-плата, што ги објавува Државниот завод за статистика.
Работниците треба да добијат најмалку 40 отсто од просекот на последните три објавени-нето плати. Статистика ги објавува податоците околу 20-ти во тековниот месец, така што оние што ќе добијат К-15 во последните денови од декември, незначително ќе имаат малку поразлична сума од 10.956 денари.


К-15 според формулата „40 отсто од просекот на последните три просечни плати“ добиваат најголем дел од вработените во приватниот сектор, но има и такви што добиваат многу помал износ, или воопшто не добиваат поради една одредба во Општиот колективен договор, која е донесена во 2015 година, а која е многу критикувана и од Државен инспекторат за труд и од Сојузот на синдикати поради својата непрецизност и можност за паушална оценка, во однос на тоа кога фирмата има „тешкотии во работата“, но која е и понатаму на сила.
„Кај работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација со синдикатот, на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавач и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со колективен договор (40 отсто од пресекот на последните три просечни нето-плати, н.з.). Кај работодавачите кај кои нема формирано синдикат, спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците“, пишува во Општиот колективен договор.
Регулирањето на правото на К-15 е во надлежност на Сојузот на синдикати и Организацијата на работодавачи на Македонија. Во изминативе години раководителот на Секторот за инспекциски надзор од областа на работните односи во Државниот инспекторат за труд, Злате Стојановски, честопати укажуваше дека еден дел од договорот е проблематичен.
– Она што е проблематично е што во Колективниот договор пишува дека помал износ фирмата може да исплати ако има финансиски тешкотии. Значи, помалата исплата не се врзува ниту со загуба на фирма, туку со некоја широка и недефинирана фраза: „ако има финансиски потешкотии“. Што се подразбира под оваа фраза, не е прецизирано и е лесно за манипулација. Затоа имаме случаи кога на работникот ќе му се исплатат само 500 денари и тоа да се нарече регрес. Но, и да е фирмата во загуба, регресот не може да биде нула денари – изјави Стојановски.
Претседателот на Сојузот на синдикати Дарко Димовски, кој во својот мандат наследи ваков колективен договор, вели дека во средата се состанале со Организацијата на работодавачи на Македонија, а една од темите била и регресот за годишен одмор.


– Работодавачите инсистираа годинава оваа обврска да не биде задолжителна, што значи инсистираа на измени на Општиот колективен договор. Но, такво нешто не доаѓа предвид, јас никогаш не би ставил потпис. Ние и во изминативе години зборувавме дека треба да се промени делот во Колективниот договор во однос на тоа кој може да исплати помал регрес, иако и сега, за да се даде помал К-15, треба согласност од претставниците на синдикатот. Но свесни сме за притисокот што може да го имаат синдикалните претставници од страна на работодавачите, како и свесни сме за тоа дека во многу фирми нема синдикат, па затоа повторно на маса ја ставивме оваа одредба. Но, од работодавачите не наидовме на разбирање, па останува оваа битка пак да ја водиме догодина – вели Димовски.
Правото на надоместок од годишен одмор се воспостави во Општиот колективен договор за стопанството од 2013 година и до 2015 година, сите фирми, независно од приходот, мора да исплатуваат регрес, чиј најнизок износ би бил 40 отсто од просекот на последните три просечни нето-плати во државата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.