По стапките на соседна Србија, и Северна Македонија ќе нарачува вакцини од Кина. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека до петок ќе бидат познати деталите за нарачката.
Проблемите со испораката на вакцините од водечките западни производители како Фајзер и АстраЗенека ги натераа и властите во Скопје да се свртат кон исток. Како што потврди за Дојче веле министерот за здравство Венко Филипче, договорот за набавка на вакцини од Кина, од државната компанија Синофарм, е во завршна фаза и до крајот на неделата ќе се знае колкаво количество ќе набави Северна Македонија и до кога тие ќе бидат испорачани.
„Цело време ги разгледуваме и тие вакцини“, вели Филипче за ДВ.
„Тоа што производителите сега најавуваат намалување на производството, а ние сакаме имунизација без пауза, и притоа сите вакцини да се сигурни, ги разгледуваме и овие.“
Србија веќе набави еден милион вакцини на кинеската државна компанија Синофарм, а вакцинацијата е веќе наголемо во тек. Според некои проценки, над 100.000 српски граѓани веќе се вакцинирале со кинеската вакцина. Филипче вели дека С. Македонија ќе набавува вакцини од државната Синофарм, имајќи предвид дека во Кина е одобрено и се користи и онаа на приватната компанија Синовак. Со Синовак засега не се преговара.
Иако Филипче не сака да зборува во детали за набавката, ДВ дознава дека се работи за неколку стотици илјади вакцини кои би пристигнале уште во текот на февруари.
Вакцината на Синофарм, според кинеските власти, има ефикасност од 79,3 отсто, и ја мина третата фаза на клиничките испитувања во Кина, иако деталите се уште не се целосно објавени. Од неа се даваат две дози, на растојание од 28 дена.
Онаа на Синовак- наречена КоронаВак е со далеку помала ефикасност и, според различни извори, таа е меѓу 50 и 65 отсто. Со таква неодамна се вакцинираше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, и таа масовно се користи во Турција откако беа нарачани 50 милиони дози.
Обете користат технологија на умртвен вирус кој го провоцира организмот да се бори и да создава имунитет.
Набавката на кинеските вакцини, вели Филипче, нема да значи и откажување од досега постигнатите договори за купување преку КОВАКС системот на СЗО и директно од Фајзер. Филипче ја остава отворена можноста во следниот период, доколку ги мине завршните клинички тестови, да се разговара и за набавка на руската вакцина Спутник V.
„Немаме предрасуди, сите вакцини доаѓаат предвид“, вели министерот.