Хакери упаднаа во системот на Министерството за економија и труд. Вработените останаа без пристап до интернет и без пристап до службените мејлови. Главниот проток на интернет е запрен, а само делови од објектот на Министерството имаат пристап до интернет мрежа.
Според информации на Сител, нападот се случил пред три недели, на 12 септември, кога се појавиле првите проблеми, односно службениците не можеле да пристапат до службените мејлови.
Податоците од дата-базите на Министерството се заклучени. Но официјално нема информација ниту кои податоци биле мета на хакерскиот напад, ниту дали се загрозени податоци на граѓани и компании.
Зошто три недели Министерството не ѝ откри на јавноста дека е цел на сајбер напад не е познато. Сител два дена чека официјален одговор на прашањата – дали Министерството има пристап до податоците, кога е направен последниот „бекап“ и дали се загрозени податоците на македонските граѓани и компании. Но одговор нема.
Неофицијално, вработените во ИТ секторот ги известиле колегите дека станува збор за дефект со сервер кој бил прилично стар. Но нашите информации велат дека податоците се заклучени во „рансомвер напад“. Напаѓачите главно ги заклучуваат податоците и потоа бараат откуп од сопственикот за да може да ги добие назад.
Економија добил нов сервер од Министерството за дигитална трансформација на користење и во моментот се прави миграција на податоците кои биле зачувани со последниот „бекап“. Целиот процес би требало да заврши во текот на идната недела.
Македонските институции во последната година често беа мета на сајбер напади. Меѓу жртвите беа и Фондот за здравство и МЕПСО. Државата сѐ уште нема механизам за брз одговор. Тоа би требало да се случи со носењето на новиот закон за безбедност на мрежи и информациски системи. Со него ќе биде формиран Центар за одговор на компјутерски инциденти во рамки на Владата, а чии членови ќе бидат ИТ експерти од клучните институции.