И на Влатко Ѓорчев му измислија државна функција, а за платите на работниците немаат пари

ВМРО-ДПМНЕ и Влатко Ѓорчев го смести во фотелја, му измислија државна функција како национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси, за што граѓаните ќе плаќаат над 105 000 денари месечно или еден милион денари годишно. Ова е денешната реакција на опозициската СДСМ откако вчера БИРН објави дека Владата на седница одржана минатиот вторник назначила тројца национални координатори, а за позицијата национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси е поставен Влатко Ѓорчев.

„Додека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема пари за поголема минимална плата, нема пари за наставниците, за работниците, измислуваат функции за сместување поранешни функционери и членови на ДПМНЕ. Да биде иронијата уште поголема, токму Влатко Ѓорчев, како пратеник во 2020 година, беше на чело на собраниската Комисија за труд и социјална политика и ги кочеше законите за зголемување на платите во образованието, законите за зголемување на пензиите, за зголемување на минималната плата“, велат од опозициската партија.

Според СДСМ, Ѓорчев не ги закажувал седниците на комисија, ги кочел дискусиите, ја прекинувал седницата и барал „финансиска оправданост“ на потребите за зголемување на платите.

„Денеска истиот тој Влатко Ѓорчев е награден од Мицкоски и ДПМНЕ со плата што е петпати поголема од минималната и трипати поголема од просечната. Малку им се министри, заменици, директори, раководители, па почнаа да измислуваат позиции, како што е предлог-законот за заменик на заменик-директор на Царината. Ете, тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Сè што ветија излажаа и целосно се однародија“, се вели во соопштението од СДСМ.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, како што велат од опозицијата, ветуваа намалување на функционерските места, а сега ги зголемуваат.

Покрај позицијата на Ѓорчев, национални координатори ќе има за локална самоуправа, за што е назначена поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Затуроска, и за безбедност на храна, каде што е поставена Верче Мицевска.

Претходно Владата ги назначи Павле Трајанов за национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот, Блерант Рамадани за национален координатор за примена на нови технологии и Солза Грчева за национален координатор за реформи во високото образование.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.