И опозицијата во дебата за нов Клинички центар

Министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев вчера попладне имаа дебата со пратеници од македонското Собрание за можните локации за изградба на нов Универзитетски клинички центар. Од Министерството за здравство велат дека целта е и опозицијата да се вклучи  во дебатата. Биле презентирани предложените локации со цел да се разгледаат сите можни аспекти за да се најде соодветна местоположба за објектот.
– За ваков голем проект од национален интерес како што е Клиничкиот центар, ја вклучуваме и опозицијата во дебата. Нема партиски, национални или други разлики за изградба на новиот Клинички центар. Потребна е координација, интерактивно и усогласено функционирање, истакнал Филипче.
Во соопштението испратено од Министерството за здравство се наведува дека локацијата за новиот Универзитетски клинички центар треба да биде транспортно пристапна, лесно достапна на граѓаните, економски оправдана, настроена кон животната околина и по можност досега не користена за претходен урбан развој.
Премиерот Заев пред две недели ги спомена Скопје Север, Петровец и Ѓорче Петров како три можни локации меѓу кои треба да се избира каде ќе се гради новиот Клинички центар.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.