Државните институции во изминатите две години потрошиле вкупно 8,5 милиони евра за набавка на нови патнички возила, дел купени, а дел земени на лизинг, покажува најновата анализа за јавните набавки.
Според податоците, Владата на лизинг набавила 45 возила за сегашните функционери, како и за поранешните премиери и претседатели, при што секое од нив чинело по 50.000 евра. Најскапото возило е набавено од Општина Шуто Оризари за 55.000 евра, додека Општина Прилеп најпрво купила возило за 63.000 евра, но потоа го раскинала договорот.
Просечната вредност на сите набавени возила во овој период изнесува 31.760 евра. Најчесто купуваниот бренд е Шкода, од кој е набавено секое трето возило. Најголем број возила, дури 82, набавиле Електрани на Северна Македонија.
Загрижувачки е фактот што на 70% од тендерите за набавка на возила имало само една понуда, што отвора прашања за конкуренцијата во процесот на јавни набавки.
Најголемите добитници на договори за набавка на возила се Порше Лизинг и Аутомотив Груп, секоја со договори вредни околу 2,8 милиони евра во последните две години.
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.