И по еден месец се трага по исчезнатиот Самоил – го бара ли некој? Неговиот татко: „Молк од сите страни, а него уште го нема“

Од 26-годишниот Самоил Костадиновски, внук на Љубе Бошковски, веќе еден месец нема ниту трага.

Не се знае дали некој трага по него или сето ова ќе заврши само со притворање на двајцата осомничени кои молчат и тврдат дека не знаат каде е Самоил иако последен пат бил виден заедно со нив во автомобил, по што му се губи секаква трага.

Таткото на Самоил прашува дали воопшто го бараат неговиот син или сè ќе остане на апсењето на двајца кои молчат.
Инаку, според информациите приведените го собрале Самоил во Припор и полицијата успеала да ги идентификува преку безбедносните камери. Тие од местото со Самоил во автомобилот заминале во правец на центарот на градот, но потоа им се губи трагата.
Осомничените се на возраст од 30 и 25 години и се наоѓаат во притвор бидејќи обвинителството сметало дека може да избегаат или да влијаат на сведоците додека истрагата трае.

На прашањето дали се преземаат некои мерки и дали сè уште е во тек потрагата по Самоил од Обвинителството велат:
„Основното јавно обвинителство Скопје секојдневно презема дејствија чија приоритетна цел е пронаоѓање на лицето, а потоа и испитување на евентуална кривична одговорност на инволвираните во настанот. Во периодот од исчезнувањето на лицето до денес постојано се обезбедуваат докази и се вршат проверки и распити на лица кои со своите сознанија придонесуваат за расчистување на настанот. Врз основа на доказите обезбедени до овој момент, поведена е истрага против две лица за кои постои основано сомнение дека учествувале во дејствија на грабнување на лицето. По предлог на надлежниот јавен обвинител на осомничените им е определена мерка притвор. Дополнително, со координирани активности на надлежното обвинителство и Министерството за внатрешни работи се обезбедени и се обезбедуваат и други докази, но за да не се наштети на постапката јавното обвинителство не е во можност да сподели детали“.
Таткото на Самоил, Љупчо Костадиновски вели дека нудат и парична награда за информации во врска со исчезнувањето на неговиот син.

„Молк од сите страни, а него сè уште го нема“, вели таткото на Самоил.
Инаку, Самоил Костадиновски е исчезнат од 3 март и е внук на Љубе Бошковски.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.