Претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Лука Кржалоски поднесе оставка на својата партиска функција.
Во оставката пишува дека “младиот сегмент од популацијата смета дека во последниот период партијата е преокупирана со дневна политика, популизам и задоволување на интересите на мала група луѓе. Покрај тоа што моменталното раководство имаше речиси цела година да излезе со стратегија за горливите прашања, тоа не само што не се случи, туку и ништо не навестува дека ќе пројде до промена на курсот. Дополнително, гледаме дека има континуирано влошување на односите со клучните меѓународни фактори кои, сакале ние да признаеме или не, имаат огромно влијание врз политичкиот живот во нашата држава и во пошиокиот балкански регион. Ова е очигледно од се појасното дистанцирање на нашата партија од најмоќното политичко семејство на континентот – ЕПП. А друг пример е фактот дека клучни носители на одлуки од американската администрација целосно одбиваат да дискутираат со моменталното раководство“, пишува Кржалоски.
Кржалоски беше избран за претседател на УМС во март годинава, на предлог на актуелниот Централен Комитет на партијата. Неговата оставка следува по повлекувањето на претседателката на Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ Даниела Рангелова, генералната секретарка Лилјана Затуровска и потпретседателката Лилјана Кузмановска.