И СДСМ се против зголемување на старосната граница за пензија на 67 години

СДСМ се придружи на Левица во ставовите против зголемувањето на старосната граница за пензионирање. Сепак од партијата ја обвинуваат власт за ваквите најави од Фискалниот совет.

-Овие најави совршено се надоврзуваат на основните принципи на функционирање на Владата на ДПМНЕ и Мицкоски: експлоатирањето на трудот на работниците без никакво најави за зголемување плати, накалемувањето нови долгови и камати за унгарскиот заем, кои граѓаните се приморани да ги плаќаат од свој џеб, давањето приоритет на интересите само на неколкутемина големци блиски со ДПМНЕ, сега се надополнети и со најавата за зголемување на старосната граница за заминување во пензија на 67 години, вели новата потпретседателка на СДСМ, Кристина Костова.

Потпретседателкат на најголемата опозициска партија смета дека ваквата мерка ќе придонесе за дополнителна дестимулација за вработување на младите, кои поради неповолните услови за пензионирање, уште повеќе ќе си го бараат чарето надвор од државата.

-Но, кога размислувам за зголемувањето на прагот за пензионирање, најмногу мислам колку тоа би било нефер кон генерациите кои наскоро треба да се пензионираат. Мислам на мајка ми, која за неколку месеци треба конечно да се пензионира, а после повеќе од 40 години стаж во штипските текстилни фабрики, со незнаени прекувремени неплатени, со ниски плати, во нестабилни времиња. Како, впрочем, и сите нејзини колешки, и сите луѓе од тие генерации, кои сиот свој работен век го поминаа работејќи во тешки услови, жртвувајќи се за подобро утре. Овие луѓе се и повеќе од изработени. После толку децении макотрпна работа, заслужуваат да имаат мирна старост со достоинствени пензии. Тој мир не смее никој да им го одложи или скрати, кажа Костова во телевизиско интервју.

Според Фискалниот совет, буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е голема, а линеарните зголемувања од 2.500 денари ќе придонесат Фондот на долг период да не биде одржлив. Економистите пак, поделени во ставовите. Едните велат дека земјава треба да ги следи европските процеси и политиките на другите држави, додека другите сметаат дека граѓаните на Македонија имаат краток животен век и главниот критериум е колку долго луѓето живеат откако ќе се пензионираат.

Во овој момент Владата не размислува за предлогот на Фискалниот совет за подигнување на старосната граница за пензионирање на 67 години и за мажите и жените- соопшти вчера портпаролката на Владата, Марија Митева.

Фискалниот совет, според Законот за буџети, е независно тело што изработува анализи и мислења за макроекономските и за фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија. Претседател на советот е Глигор Бишев, поранешен директор на Шпаркасе банка. Членови се и академик Абдулменаф Беџети, како и Марина Трпеска, редовен професор на Економскиот факултет при УКИМ.

Пронајдете не на следниве мрежи: