Во вторникот (15 април) истече законскиот рок до кога требаше да биде исплатена новата покачена минимална плата од 24.379 денари нето. Станува збор за минимална плата за редовна работа без изостаноци во месецот, иако во некои компании се исплаќаат и додатоци и надоместоци на плата, како што се минат труд, прекувремена работа и слично. Инаку, до 9 април, вкупно 59.681 даночни обврзници веќе поднеле МПИН пресметки за месец март, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи.
И со ова зголемување Македонија остана на опашката во регионот, со минималец од 395 евра, па дури и Албанија нè претрка со сумата од 402 евра. Минималната плата во Црна Гора од 600 е на 800 евра, во Босна и Херцеговина е 600 евра, во Србија е 454…
Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека околу 80 отсто од работниците примаат медијална плата, а околу 90 отсто од работниците се снаоѓаат со сума под минималната и средна плата. И колку да е мала бројката на оние што примаат плата под минималната плата, тоа е незаконски и е кривично дело.
Синдикалците го вперуваат прстот во ниските плати и нив ги посочуваат како единствен виновник за одливот на работна сила во земјава.
– Поради ниските плати работниците заминуваат од Македонија да работат во странство и да градат некои други економии и тоа треба да биде најголемиот пораз за овие газди што ја злоупотребуваат работната сила – велат синдикалците.
Лошите плати се една од причините за константното зголемување на иселувањето на работната сила од земјава.