И 23 години по атентатот сторителот непознат

На денешен ден пред 23 години беше извршен атентат врз првиот претседател на Р. Македонија, Киро Глигоров, во кој се здоби со тешки повреди на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.
До денес остана непознато кој го стори атентатот. Истражната постапка која се води против непознат сторител сеуште е отворена. Истрагата само утврди дека атентатот бил добро подготвен и организиран, и дека е само среќна околност што претседателот Глигоров преживеа.
Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври 1995 година во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје. Претседателот Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија.
Во автомобил „Цитроен-Ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач.
Првиот македонски претседател, Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 годинишна возраст.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.