Иако првите асоцијации за квалитетно вино се Италија и Франција, во потрага по една од светските престолнини на вино, не мора да одите далеку – доволно е да ја посетите Унгарија, во која има дури 22 развиени вински региони. Регионот Токај е првиот затворен регион за вино во светот (регистриран уште во 1737 година), но од 2019 година може да се пофали дека е дом на веројатно најскапото вино во светот. Имено, едно шише вино „Royal Tokaji Essencia“ чини неверојатни 35.000 евра.
Ако се прашувате што е толку посебно во ова вино, одговорот е – сè. Како прво, потекнува од регион познат по своите вина кои се служеле на дворовите на Петар Велики и Луј XIV и го задоволиле бараниот вкус на големиот Бетовен. Потоа, 2008 година била особено погодна за производство на вино.
Долгото суво лето придонело квалитетното грозје Азу да стане уште подобро. Ферментацијата на најскапото вино на светот трае меѓу шест и осум години, а секое зрно од двесте килограми грозје, колку што е потребно за едно шише вино, се бере рачно. Сложеноста на процесот е само половина од цената, а другата половина е фактот дека има нешто помалку од 3.000 шишиња „Royal Tokaji Essencia“ ширум светот.
Но, и оние со поплиток џеб можат да си го дозволат ова вино. За „само“ 120 евра, можно е да се купи една лажица од овој пијалак! Ако навистина сакате да го доживеете ова кралско задоволство во кралски амбиент, во хотелот „Four Seasons Gresham Palace“ во Будимпешта, во новоотворениот бар „Múzsa“ е сместена највредната колекција на оваа сорта грозје, па можете да нарачате шише вино за неверојатни 80.000 евра.
Поради својата важност, во 2002 година УНЕСКО го прогласи целиот вински регион Токај за светско наследство. Оваа област сè уште има уникатни карактеристики на културната традиција и сведочи за вековната лозарија што се развива и што произведува вкусни бели вина.