Еден човек стана сопственик на оригинална слика од Пабло Пикасо , вредна повеќе од еден милион евра (околу 870.000 фунти или 1,2 милиони долари), откако учествуваше во добротворна томбола.
Среќниот добитник е Ари Ходара , инженер и љубител на уметноста. Тој за оваа вест дознал во вторник, кога добил видео повик од аукциската куќа „Кристи“ во Париз.
„Како да знам дека ова не е некаква шега?“ , прашал овој 58-годишник кога му кажале дека е новиот сопственик на делото на шпанскиот мајстор од 1941 година
Организаторите објавија дека за ова извлекување на награди се продадени повеќе од 120.000 билети по цена од 100 евра по парче. На овој начин се собрани околу 11 милиони евра, а сите приходи се наменети за истражување на Алцхајмеровата болест. Ова беше третото издание на хуманитарната томбола наречена „1 Пикасо за 100 евра“, која првпат беше лансирана во 2013 година.
Овогодинешната награда беше сликата „Женска глава“ (Tête de Femme) , портрет изработен со техниката гваш на хартија во препознатлив стил на Пикасо. На сликата е прикажана неговата партнерка и муза, француската надреалистичка уметница Дора Мар.
„Бев изненаден, тоа е сè “, рече Ходара во телефонски разговор со аукционерите по извлекувањето. „Кога учествувате во вакви работи, не очекувате да победите… Но, многу сум среќен бидејќи сум многу заинтересиран за сликање и ова е одлична вест за мене.“
Добитниот билет на Ходара го носел бројот 94.715. Тој објаснил дека билетот го купил за време на викендот, откако сосема случајно дознал за натпреварот.
Добротворната томбола ја организираше француската новинарка Пери Кошен , со поддршка на семејството Пикасо и фондацијата. Таа истакна дека „одличното“ е што победникот живее во Париз, иако билетите се продавале во десетици земји низ целиот свет.
„Ќе ни биде многу лесно да ја испорачаме сликата, па затоа сме задоволни “, рече Кохен.
Париз е градот каде што самиот Пикасо живеел и работел поголемиот дел од својот живот, а илјадници слики, графики и скулптури на уметникот сега се изложени во музеите таму.
Од вкупно собраните пари, еден милион евра ќе бидат исплатени на „Оперска галерија“ , која беше претходен сопственик на сликата. Останатите средства ќе бидат донирани на Француската фондација за истражување на Алцхајмеровата болест.
„Оваа иницијатива со Пикасо е уште еден камен-темелник, така што еден ден Алцхајмеровата болест нема да стане ништо повеќе од лошо сеќавање “, рече директорот на фондацијата , Оливие де Ладуше , како што објави агенцијата АФП.
Историја на лотаријата
Првото издание на оваа томбола се одржа во 2013 година, а победникот беше 25-годишен Американец од Пенсилванија. Во тоа време, собраните средства беа наменети за зачувување на либанскиот град Тир , кој е на списокот на светско наследство на УНЕСКО.
Победник на второто издание, одржано во 2020 година, беше 58-годишна Италијанка, сметководителка по професија, чиј син ѝ купи билет како божиќен подарок. Приходите од таа томбола беа донирани за проекти за водоснабдување и санитација во училишта и села во Камерун , Мадагаскар и Мароко .
The post Каква среќа: За 100 евра доби слика од Пикасо вредна повеќе од милион евра appeared first on Во Центар.



