Како грчките андарти наместо Митре Влавот го ликвидирале својот херој Павлос Мелас за чанта со лири


ВМРО не им останувало должно ниту на предавниците, ниту на грчките андарти.
Еден од најславените Грци од почетокот на минатиот век, офицерот Павлос Мелас, кој е првиот грчки офицер испратен на тлото на Македонија, и по Александар Македонски, е првиот што започнува македонско-грчка војна, е ликвидиран со лукавство.
По неговото влегување во Македонија есента 1904 година, со примарна цел да ги ликвидира Митре Влавот и неговата чета, се засолнил во куќа во селото Статица. Митре дознавајќи за ова, испратил писменце преку некој човек, напишано на грчки јазик до турските власти дека во Статица се наоѓа токму тој, комитата Митре. Турците се кренале на нозе и се упатиле кон селото, точно знаејќи ја куќата каде според нив отседнал Митре Влавот, а каде всушност се наоѓал Павлос Мелас. Веднаш започнала престрелка, а само што се појавил од вратата, Мелас бил погоден со еден куршум.
Но според Димитрос Литоксоу, вистината за загинувањето на човекот кого Грците го слават како херој, ја раскажал Петрос Хаџитасис (всушност Петре хаџи Тасо – предавник) во 1927 година во текот на еден помен организиран во самото село. Хаџитасис, кој заедно со Мелас се наоѓал скриен во куќата, при поменот направил реконструкција на настанот, а сето тоа подоцна Литоксоу го запишал:
“Мелас ги оставил без помош Воланис и неговите луѓе за да не се открие неговото скривалиште. Во еден момент слегол преку внатрешната скала во подрумот од куќата за да го извиди подобро местото наоколу. Него го следел Лакис Пирзас. Само што стапнавме на првото место, рекол Воланис, се слушна еден истрел и едно ‘оф!’ Слеговме веднаш во дворот и што да видиме, командантот беше мртов. Го дигнавме, го скривме во плевната и заминавме. Втор истрел не се слушна.“
Хаџитасис заклучува дека истрелот би бил од пукање од пушката на Лакис Пирзас. Никој не може да тврди со сигурност дека било пукање. Но, Лакис опоменува дека Такис Киру, кој го слушнал раскажувањето на Хаџитасис, ја зел чантата на командантот, ја напуштил борбата и исчезнал, а се појавил наредното лето во Македонија. Заедно со чантата исчезнуваат и еден куп лири што со себе ги имал Мелас… Конечно, отпосле конструираните лаги на Пирзас, за херојската смрт на Мелас од турски куршум, ќе го покријат фактот дека тој, сакајќи или не, го застрелал својот командант, ставајќи и на тој начин крај на неговата ни оддалеку херојска дејност.
Денес Грците продолжуваат да слушаат предавања за маченикот Павлос Мелас. Но, во Статица, старите македонски селани, се уште, со шепотење, раскажуваат за убиството од страна на неговите луѓе и за изгубените лири, запишал своевремено Литоскоу.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.