Сезоната за летни одмори е во полн ек. Сите патуваат некаде. Некоj на подалечни дестинации, некоj на пократки дестинации. Некоj на море, некој на езеро, некој пак на планина. И не е битно кој каде патува, битно е патувањето да биде удобно, безбедно и без нервози. За да биде тоа така, најважната работа што треба да ја направите е добро да го испланирате и добро да го организирате своето патување.
Под добра организација на патувањето, особено кога станува збор за патување на подалечни дестинации, се подразбира дека треба однапред да утврдите кога тргнувате на пат, со кој ќе патувате, каков багаж можете да понесете, кои документи треба да ги понесете, по која делница ќе патувате, итн. Откако ќе ги утврдите овие основни работи потребно е да се информирате за останатите работи, како на пример:
-кои се познати места кои може да ги посетите попат;
-каде е најсоодветно да одморите;
-какви се условите на патот ( карактеристиките на патната мрежа, градежни работи на пат, времен режим на сообраќај, итн.);
-какви ќе бидат временските услови;
-специфични законски обврски кои важат во земјата во која патувате или низ која транзитирате, и др.
Кога ќе ги утврдите овие работи неопходно е пред да тргнете на пат, да ја проверите техничката исправност на возилото и тоа:
-Проверете ги гумите на возилото – проверете го протисокот на воздухот и длабочината на шарата. -Проверете ја и резервната гума.
-Проверете ги течностите во возилото. Маслото, течноста за кочниците, течноста во ладилникот, течноста за бришачите. Понесете си резерва од сите овие течности.
-Проверете ги бришачите и доколку е потребно променете ги бришачите.
-Проверете ја целокупната светлосна сигнализација – фаровите, стоп-светлата, трепкачите.
-Проверете го системот за управување и системот за сопирање на возилото, итн.
Сите овие проверки можеби можете и сами да ги направите, но сепак најдобро е да посетите овластен сервис. Може тоа и ќе ве чини пари, но верувајте тоа е ништо во однос на тоа колку може да ве чини доколку се случи дефект или сообраќајна незгода.
Да! За крај, резервниот клуч од автомобилот оставете го кај личноста која наједноставно ќе ви го достави доколку се случи да ги загубите клучевите или ги заклучите во автомобилот.
Патувајте безбедно и без нервози!