– Помислата да се оди в болница или кај лекар сама по себе создава стрес и непријатност кај луѓето, а особено кај децата. Следат совети што може да помогнат времето во болница за родител со дете да мине побрзо и побезболно.
За почеток, мајката и таткото треба да се подготват за сè што следи. Мора да бидат свесни дека тие се главниот извор на поддршка и грижа за детето. Внимавајте како се однесувате пред него / неа, бидејќи децата секогаш „го впиваат“ однесувањето на родителите, велат стручњаците. Подгответе го малечкото за в болница. Најдобро би било неколку дена претходно да му објасните каде оди и што се очекува од него. Не ги плашете со ситници, но без лаги, на пр., дека „нема да боли“. Ова ќе ја обезбеди довербата кај детето.
Родителите мора да бидат трпеливи, бидејќи некои прашања детето и ќе ги повторува. Треба полека да се објасни, на пр., дека ништо лошо нема да се случи и дека „мама и тато“ постојано ќе бидат со него / неа.
Играта е најдобриот начин да се објаснат некои работи. Може и да купите играчки во облик на медицински помагала со коишто ќе му објасните на детето како лекарот ќе лекува. Така и малечкото ќе се запознае со тој нов материјал и ќе има поголемо чувство на контрола.
Вклучете го детето во средувањето на работите пред одењето в болница – како да оди на екскурзија. Нека тој / таа ја спакува својата облека, омилена играчка или предметите коишто вообичаено помагаат кога малечкото ќе се повреди, како што се креми или фластери.
Речиси задолжително спакувајте и друштвено-семејни игри, книги, албуми, сликовници и боенки за да не му биде досадно при престојот во болница, ни на детето, ниту на родителите. Читајте заедно, гледајте слики и цртајте. Не е исклучено болничката соба да ја делите со други родители и деца, па понесете за повеќе луѓе, заради заедничка, друштвена активност.