Вреди да се прослави во кафана откако ќе ги направите “будали” ЕВН, државата и целата македонска јавност и откако Обвинителството ќе замижи на измама која, најпросто кажано е направена “по учебник”.
“Делчевски ниви”, еден од најголемите познати скандали поврзани со луѓе блиски до Христијан Мицкоски неодамна падна во вода откако Основното јавно обвинителство – Скопје ја прекина постапката поради променет исказ на еден од сведоците во постапката.
Како “падна” предметот и дали падна сам или некој друг поради политички или бизнис договор “го самоуби” ќе дознаете во продолжение.
Но да почнеме со ред.
ШТО Е СУШТИНАТА НА ПРЕДМЕТОТ “ДЕЛЧЕВСКИ НИВИ”?
ЕВН Македонија, со цел производство на електрична енергија, решава да постави фотоволтаици на парцели во делчевско и беровско. Парцелите на кои ЕВН сака да постави фотоволтаици се парцели во приватна сопственост, притоа земјиштето не е оценето како квалитетно земјиште, туку како земјиште од петта, шеста, седма и осма класа, зошто е ова важно ќе објасниме малку подоцна.
Кажавме дека кога ЕВН решава да ги купи парцелите, тие се во сопственост на физички лица од делчевско и беровско. ЕВН одлучува да ги купи парцелите и до овој момент нема ништо спорно, но што се случува потоа?
Управата за финансиска полиција поднесе седум кривични пријави до ОЈО Скопје, за двајца раководители на ЕВН и уште пет други лица за овој предмет.
Против двајцата управители на ЕВН Електрани на Македонија се водеше постапка според член 355 од КЗ, за измама во службата, во врска со член 22 односно соизвршителство.
Едно физичко лице се сомничи покрај измама во службата и за помагање според член 24 од КЗ.
Четири физички лица се сомничат за измама во службата од член 355 во врска со член 24, помагање.
За да ви биде појасно, ОЈО смета дека двајцата управители во ЕВН сториле кривично дело измама со тоа што на пет лица од Делчево им кажале за плановите на ЕВН за купување на овие парцели. Потоа петмината обвинети ги наоѓаат сопствениците на парцелите и ги купуваат нивите од нив за 20 денари по метар квадратен.
Веднаш потоа, ЕВН ги купува нивите од новите сопстевници за 800 денари по метар кавдарен, што е 40 пати повеќе од цената за која тие ги купиле нивите.
Просто како грав, седумминава се договараат земјиштето за се купи евтино, да се препродаде 40 пати поскапо, тие да го делат ќарот, а државата како втор најголем акционер во ЕВН и другите акционери да “останат со прстот во уста”.
Членот 355 од Кривичниот законик, измама во службата, вели дека службено лице кое во вршење на службата со намера за себе или за друг да прибави противправна имотна корист со поднесување лажни сметки или на друг начин ќе доведе во заблуда овластено лице да изврши незаконита исплата, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
Ставот два вели дека ако со делото од ставот еден е прибавена поголема имотна корист, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години. Ставот три вели дека ако е прибавена значителна имотна корист сторителот ќе се казни со затвор од најмалку три години.
За делото од ставовите 1, 2 и 3 ќе се казни и одговорното лице во странското правно лице кое има претставништво во Македонија или кое врши работи од јавен интерес ако делото е сторено во вршење на неговото посебно овластување или должност.
УШТЕ ЕДНАШ СЕ ИЗИГРУВА ДРЖАВАТА
Дополнителна измама во овој случај е тоа што петмината кои ги купуваат па препродаваат нивите всушност не ги купуваат парцелите, туку парцелите се префрлени во нивна сопственост како подарок, што всушност е првиот сигнал за реакција од Општината Делчево дека можеби се работи за незаконско дејствие.
Ваквиот начин на измама на државата е чест бидејќи луѓето со цел да не платат одредени давачки кон државата наместо договори за купопродажба склучуваат договори за дар, а парите ги даваат на рака. Она на што не се посветува доволно внимание е што кога некој некому подарува било што, тоа треба да биде оправдано, односно да има причина зошто се подарува нивата, автомобилот, било што… Во овој случај луѓето кои “им ги подаруваат” нивите на петмината обвинети не се во никакво крвно сродство со нив, ниту имале било каква причина да ги даруваат осомничените.
Кои се, сега веќе поранешните, осомничени во “Делчевски ниви”?
Игор Гиевски, управител на ЕВН Електрани, е , поранешен претседател на УМС на ВМРО ДПМНЕ. Неговата сопруга Слободанка Гошева Гиевска била потпретседателка на подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ, претседател на Пописна комисија во пописот што не се спроведе.
Мирослав Митровски, управител на ЕВН Електрани и син на поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров во три мандати Сокол Митровски.
Митровски и Игор Гиевски како управители ги потпишале договорите за купопродажба на земјоделското земјиште во Делчево што го купила компанијата ЕВН.
Дарко Тодоровски, поранешен советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Делчево, поранешен претседател на УМС ОК Делчево и роднина на Орце Тодоровски – Ефто.
Финансиската полиција во јануари годинава, побара замрзнување на неговиот имот, откако следејќи ја трагата на парите утврдила дека истите се пуштаат во оптек. Според податоците, Тодоровски откако добиените парцели на подарок ги продал на ЕВН Електрани, купил нови парцели. Жителка на Македонска каменица му продала 11 071 метри квадратни земја во делчевско. Договорената цена за продажба е 0,7 евра за метар квадратен или 43 денари за метар квадратен. Дополнително, тој на Фејсбук се пофали дека купил кафеана во Делчево. Тоа го потврдува и јавно достапниот податок од Агенцијата за катастар. Тодоровски купил деловен простор – кафеана и спрат од куќа за фантастични 220 000 евра.
Дарко Ќурчиски, бизнисмен, сопственик на бензинска пумпа ОИЛ ДЕ во Делчево. Податоците од Бизнис мрежа покажуваат дека покрај оваа фирма, Ќурчиски се појавува и како овластено лице и во друга компанија,Ал Дариф ДОО. Доколку ја пребарате оваа компанија на Гугл, се појавува еден документ од 2020-та година. Се работи за жалба на компанијата по јавна набавка, во која како полномошник се појавува Панче Тошковски, адвокат, кој е член на ВМРО-ДПМНЕ.
Влатко Илиевски, член на обезбедувањето на Христијан Микцкоски, Марија Илиевска, негова сопруга и Орце Тодоровски-Ефто, близок соработник на Мицкоски.
КОЈ ГО “САМОУБИВА” ПРЕДМЕТОТ?
Обвинителството решава да ја прекине постапката за “Делчевски ниви” по промена на исказот од страна на сведок.
Човекот кој го повлекува исказот за Делчевски ниви е Сашо Стојкоски, повереник на Владата на РМ во ЕВН. Државата како акционер во ЕВН има свој претставник таму кој треба да биде чувар на капиталот на Македонија во акционерското друштво. Во првичниот исказ Стојкоски кажал дека бил во заблуда, обвинетите го измамиле со што се оштетени акционерите во ЕВН, меѓу кои и државата.
Овој човек е делегиран како повереник на Владата на Република Македонија во ЕВН од страна на Зоран Заев како тогашен премиер. Повереникот на Владата во ЕВН потпишува меѓу другото и документи за купопродажба, дава согласност да се купи земјиштето итн…
Тој неодамна го менува исказот и кажува дека откако ги разгледал доказите сфатил дека ниту ЕВН, ниту акционерите и државата имаат претрпено штета од купувањето на земјиштето по 40 пати повисока цена од претходната купопродажба на истото земјиште. Со ова Стојкоски му дава алиби на Обвинителството да се затвори случајот.
Стојкоски не само што е делегиран од страна на Зоран Заев како повереник во ЕВН, разгледувајќи го неговиот профил на Твитер може да се забележи дека тој е голем поддржувач на СДСМ и Зоран Заев.
Блискоста на Заев и Стојкоски е очигледна и тоа отвора нов сомнеж. Дали Зоран Заев на било кој начин влијаел врз Стојкоски да го промени првичниот исказ, а потоа и дали влијаел врз Обвинителството за врз основа на променетиот исказ да падне целото обвинение.
Накратко, дали политичка договорка меѓу Заев и Мицкоски го уби случајот “Делчевски ниви”, со што Заев си купи мир од евентуален прогон (кривичен и политички) од страна на опозицијата, а истовремено си создаде во ликот на Мицкоски нов должник кој за да ги спаси своите луѓе повторно е “во нечии раце”.
Обвинителството во било кој друг случај промена на исказ би го сметало за променета околност, но никогаш не би го затвориле случајот само затоа што е сменет исказот.
Просечен правник знае дека кога Обвинителството има истрага или предистрага мора да има собрано доволно докази за да има основано сомнение дека таму е направен некаков криминал. Тие и без овој исказ би требало да имаат доволно докази за да ја продолжат постапката, односно да имаат соберено материјални докази, вештачење и слично, бидејќи исказ на сведок е доказ со најмала доказна вредност во постапката.
Дополнително, на осомничените веќе еднаш им беа изречени мерки за обезбедување на присуство, притвор и домашен притвор, што значи дека судот еднаш проценил дека Обвинителството има, во тој момент од постапката, доволно докази за делото и сомнеж за незаконски дејствија и влијание од сведоци од страна на обвинетите за време на постапката.
Иронично, предметот паѓа поради променет исказ на сведок, што е причина за определувањето на притворот на осомничените.
Шефот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Гаврил Бубевски, претходно во интервју за порталот „А1он“ рече дека во случајот „Делчевски ниви“ најголем дел од парите од продажбата стојат на сметки.
„Тие пари завршиле кај продавачите, натаму каде завршиле, сè уште се истражува. Голем дел од паричните средства, да не речам и претежен дел сè уште стојат и на сметки и имаме трага што е купено со нив. Во однос на дневнополитичките работи, не можам да коментирам, сметам дека тоа е од дневен карактер натпревар помеѓу политичките партии кој е полош“.
„Во истрагата ќе видиме што сè е купено. Меѓутоа, претежен дел или се орочени или се останати на сметките. Значи претежен дел од тие пари се на сметките на физичките лица кои ги продале на ЕВН“. Материјалните докази, според неговата изјава, се прибрани, остануваат вербалните докази односно собирање на искази од сведоци на обвинителски записник, како и одредено вештачење, што потврдува дека Обвинителството сепак имало и други докази, не само исказот на сведоците…
Се поставуваат и неколку други прашања
Зошто ЕВН, доколку сакале да купат парцели за поставување на фотоволтаици не објавиле конкурс за купување на земјиштето? На тој начин можеби ќе нашле друго, поповолно и поевтино земјиште, ќе заштеделе и финансиски средства бидејќи ќе можеле да изберат најповолен понудувач.
Дали поради тоа што ЕВН ги купи парцелите 40 пати поскапо од цената за која претходно биле продадени, ќе платат граѓаните, имајќи предвид дека заради финансиските трошоци ЕВН може да ја промени цената на одредени услуги?
Веќе споменавме дека земјиштето е подарено, а не продадено, што значи дека парите се предадени во кеш на рака, наместо со соодветна трансакција, што исто така е измама.
Како ЕВН или кој во ЕВН подоцна проценува дека нема никаква штета од купувањето на земјиштето по 800 денари, кога истото земјиште можело да се купи за 20-30 денари од првичните сопственици? Зошто ЕВН не ја објави ваквата анализа која покажува дека никој од акционерите, вклучително и државата, не е оштетена од ваквата купопродажба или сведокот кој го менува исказот самостојно одлучува дека во ваквата зделка нема штета за никого.
Зошто државното правобранителство молчи за ваквиот случај и досега нема дадено никаква изјава во врска со ова, а државата има свој капитал во ЕВН, со што и самата трпи штета од ова.
Последно и можеби најважно. Дали Заев во договор со Мицкоски, а со влијание кај сведокот и Обвинителството, го заврши предметот “Делчевски ниви”, си купи мир во “опозицијата”, а истовремено доби нов должник кој како и подолг период досега и отсега нема да може да го спомене неговото име во јавност…
Обвинението падна, некој “лапна” 1,5 милиони денари за што прослави со посебна журка во кафана, ниту власт, ниту опозиција, никој не прави галама, останува да видиме која ќе биде цената на оваа договорка која на крај секако ќе ја платат граѓаните и државата…
Пишуваат: Александар Митовски, Александра Петровска
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.