Како милијардер со интереси за Гренланд го поттикна Трамп да ја присвои територијата: Ова е „операција“

Роналд Лаудер, долгогодишен пријател на американскиот претседател Доналд Трамп и наследник на козметичката империја „Есте Лаудер“, беше првиот што ја предложи идејата САД да го купат Гренланд. Денес, додека Трамп повторно зборува за таа можност – дури и за употреба на сила – Лаудер веќе развива деловни проекти на овој дански остров.

Како што раскажа поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон, Трамп го поканил во Овалната соба во 2018 година и му рекол дека еден истакнат бизнисмен предложил САД да го купат Гренланд. Се испостави дека станува збор за Лаудер, познаник на Трамп од неговите студентски денови во Њујорк.

По тој разговор, Белата куќа почна да разгледува начини за зајакнување на американското влијание во Гренланд, огромна арктичка територија контролирана од Данска. Болтон тврди дека Трамп често ги зема идеите што ги слуша од пријателите и ги прифаќа како факти.

За време на вториот мандат на Трамп, интересот за Гренланд дополнително се засили. Претседателот јавно навести дека САД би можеле да го преземат островот не само со купување, туку и со сила. Во февруари минатата година, Лаудер јавно го бранеше Трамп, велејќи дека идејата за Гренланд „не е апсурдна, туку стратешка“.

– Под мразот и карпите на Гренланд лежи огромно богатство од ретки метали кои се клучни за вештачката интелигенција, модерното оружје и технологијата. Како што се топи мразот, се отвораат нови поморски патишта кои ја менуваат глобалната трговија и безбедност, напиша Лаудер во статија за „Њујорк пост“.

Тој додаде дека со години тесно соработува со гренландските бизнис и политички лидери за развој на стратешки инвестиции.

Деловни интереси во Гренланд

Данските деловни регистри покажуваат дека компанија со адреса во Њујорк, чии сопственици не се јавно идентификувани, во последните месеци влегла во неколку проекти во Гренланд. Меѓу нив се извозот на „луксузна“ изворска вода од остров во Бафин Беј, како и плановите за производство на хидроелектрична енергија за алуминиумската индустрија.

Не е јасно какво влијание би имало евентуалното преземање на Гренланд од страна на Америка врз деловните интереси на Лаудер, но усогласеноста на политиката и бизнисот се повеќе се доведува во прашање.

Данскиот премиер предупреди дека воена акција од една членка на НАТО против друга би претставувала крај на алијансата. Сепак, Трамп не изгледа загрижен.

– Ќе направиме нешто со Гренланд, или на убав начин или на тежок начин – рече тој неодамна.

Украина и новите спорни договори

Името на Лаудер се појавува и во контекст на договори за експлоатација на украински минерали. Тој е дел од конзорциум заинтересиран за рударство на литиум во Украина, што ги зголеми сомневањата за конфликт на интереси меѓу луѓе блиски до Трамп.

Во март 2025 година, Лаудер донираше пет милиони долари на „Мага Инк.“, фонд за собирање средства за политичкото движење на Трамп. Недолго потоа, САД и Украина потпишаа договор за заедничко искористување на украинските минерални ресурси. Првиот тендер за литиум, според медиумите, го доби конзорциум во кој Лаудер е член.

Иако Лаудер и компаниите вклучени во проектите одбија да коментираат, случајот дополнително покренува прашања за преплетувањето на политиката, приватниот капитал и надворешната политика на САД за време на вториот мандат на Трамп.
The post Како милијардер со интереси за Гренланд го поттикна Трамп да ја присвои територијата: Ова е „операција“ appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: