Како смеењето го подобрува вашето здравје?

Да, не е шега. Смеењето влијае позитивно не само на вашето расположение, туку и на вашето здравје. Без разлика дали се смеете на епизода од „Пријатели“ или на шегите на ваш пријател, со секоја насмевка вие си го подобрувате животот.

Често се тврди дека смеењето е најдобриот лек. Денес постојат и научни докази кои го поткрепуваат тоа тврдење. Еве за што сè може да ви помогне смеењето:

Согорува калории. Кога се смеете, вие трошите повеќе енергија, ритамот на срцето се забрзува и телото согорува повеќе калории. Пресметано е дека со 10-15 минути смеење согоруваме околу 40-50 калории. Тоа навистина е малку, но на долгорочен план смеењето е забавен сојузник во борбата со килограмите.

Има ист ефект како аеробик вежбите. Искреното смеење помага да се активираат многу мускули од телото, го забрзува дишењето и ја подобрува циркулацијата на крв. Всушност, ако се смеете 100 и повеќе пати во денот, тогаш добивате ист ефект како да сте вежбале аеробик 10 минути.

Гарантира намалување на стресот. Насмевката го намалува психичкиот товар што го чувствувате кога сте загрижени и нерасположени и предизвикува позитивни промени во вашето тело. Докажано е дека смеењето го намалува кортизолот (хормонот на стресот) и адреналинот.

Го подобрува имунитетот. Стресот е голем непријател на имунолошкиот систем. Тој го прави телото послабо и му ја уништува одбраната против вируси, бактерии и инфекции. Смеењето од своја страна го намалува стресот, па имунитетот може непречено да си ја врши својата работа, т.е. да го заштитува телото.

Води до подобрување на циркулацијата. Истражувањата покажале дека кај луѓето кои често се смеат крвните садови функционираат нормално, т.е. лесно се шират и стеснуваат. Од друга страна, кај луѓето кои се понапнати и кои постојано се под стрес и не се смеат, крвните садови се стегаат, па циркулацијата на крв е намалена.

Помага за заштита на здравјето на срцето. Како резултат на тоа што ја подобрува циркулацијата и функционирањето на крвните садови, смеењето помага за намалување на ризикот од срцев удар и други кардиоваскуларни заболувања.

Ја намалува болката. Смеењето ја намалува болката затоа што телото започнува да создава свои природни „лекови“ против болка. Доколку се смеете, му го одвлекувате вниманието на мозокот од болката и му помагате на телото да го зголеми создавањето на ендорфини, кои прават да се чувствувате убаво. Многу истражувања со учество на лица кои чувствуваат болка покажале дека додека луѓето се смеат, болката помалку им смета и не ги измачува.

Го подобрува варењето на храната. Доколку јадете во друштво на луѓе кои имаат смисла за хумор и не се воздржуваат да ја покажат, тогаш најверојатно по завршувањето на оброкот нема да имате непријатни киселини.

Влијае врз нивото на шеќер во крвта. Научниците покажале дека смеењето има позитивен ефект и врз нивото на шеќер во крвта кај дијабетичарите. Во едно истражување, група дијабетичари по оброкот присуствувале на досадно предавање, а наредниот ден по консумирањето на истиот оброк гледале комедии. Резултатите покажале дека тие имале пониско ниво на шеќер во крвта во денот кога гледале комедии.

Ви го подобрува друштвениот живот. Преку насмевката луѓето подобро се поврзуваат едни со други. Колку повеќе луѓе можете да насмеете, толку повеќе пријатели ќе имате, затоа што сите сакаат среќни луѓе со добра смисла за хумор. А колку што имате повеќе пријатели и подобар друштвен живот, толку подобро ќе биде вашето психичко и физичко здравје.

Горенаведеното треба да ви биде доволна причина да започнете да се смеете. Подигнете ги краевите на устата нагоре и покажете му на светот колку убава насмевка имате.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.