Како ќе го поднесете грипот зависи од првиот грип што сте го имале

Зошто некои луѓе се поотпорни на грипот од останатите е клучно прашање за кое научниците велат дека е поврзано со првиот вид грип што секој од нас го имал како дете.
Како ќе го поднесете грипот зависи од првиот грип што сте го имале
Научниците од Универзитетот во Лос Анџелес и од Универзитетот во Аризона откриле дека способноста на луѓето да се борат со вирусот на грип е одредена не само од видот на грипот што го имале во текот на животот, туку и од редоследот на вирусите со кои се соочил нивниот организам. Нивното истражување било објавено во списанието „PLoS Pathogens“.
Истражувањето објаснува зошто некои луѓе имаат многу потешка форма на грип со потешки симптоми од другите, иако се заразени со истиот вирус. Научниците се надеваат дека новите откритија ќе помогнат во креирањето стратегија за намалување на влијанието на сезонскиот грип врз здравјето на луѓето.


Изложеноста на вирусите на грип за време на детството обезбедува делумна заштита до крајот на животот од вируси на грип што се поврзани со него. Оваа идеја дека претходната изложеност на вирус на грип ја одредува идната реакција на инфекциите, биолозите ја нарекува имунолошки отпечаток, објаснуваат научниците.
Вирус на грип H3N2 и H1N1
Истражувањето помогнало да се надмине општото уверување дека претходната изложеност на вирус на грип не обезбедува мала или никаква имунолошка заштита од видови што можат да се пренесат од животни на луѓе, како што се оние што предизвикуваат болести како свински или птичји грип. За да следи како различните видови вируси на грип влијаат врз луѓето од различна возраст, тимот ги анализирал здравствените информации што Министерството за здравство во Аризона ги добивало од болниците и од приватни лекари.


Двата подвида на вирусот на грип, H3N2 и H1N1, се одговорни за сезонската појава на грип во последните децении. Подвидот H3N2 ги предизвикува најтешките случаи кај постарите лица со висок ризик и повеќето смртни случаи предизвикани од грип. Подвидот H1N1 најверојатно влијае на помладите и на средовечните личности и предизвикува помалку смртни случаи.
Податоците од здравствените картони го откриваат следниот обрзец: Луѓето кои за време на детството биле прво изложени на послаб вид вирус H1N1, имаат помала веројатност да бидат хоспитализирани доколку се сретнат со вирусот повторно подоцна во животот од луѓето кои прво биле изложени на H3N2. И луѓето кои први биле изложени на вирусот H3N2 имале дополнителна заштита од истиот вирус подоцна во животот.
Истражувачите, исто така, ги анализирале еволуциските односи помеѓу видовите грип. Тие откриле дека Х1Н1 и Х3Н3 припаѓаат на две одделни гранки на семејното дрво на грипот, објаснува Џејмс Лојд-Смит, автор на истражувањето и професор по екологија и еволуциона биологија на Универзитетот во Лос Анџелес.
Како ќе го поднесете грипот зависи од првиот грип што сте го имале
Образец за заштита
Според д-р Лојд-Смит иако инфекцијата со еден вирус му помага на имунолошкиот систем да биде подобро подготвен да се бори против идни инфекции со други вируси, заштитата од идни инфекции е многу посилна кога некој е изложен на подвид од истата група вируси.
Мајкл Ворбеј, коавтор на истражувањето и раководител на Катедрата за екологија и еволуциона биологија на Универзитетот во Аризона дополнува дека грипот останува најголемиот убиец ширум светот. Изминатите две сезони на грип биле потешки од очекуваното. Во сезоната 2017/18, во САД починале 80.000 луѓе, повеќе отколку во пандемијата на свински грип во 2009 година, според него.
Истражувачите се надеваат дека нивните откритија може да помогнат да се предвиди кои возрасни групи може да бидат сериозно погодени за време на идните сезони на грип, врз основа на подвидот што кружи. Оваа информација, исто така, може да им помогне на здравствените работници да бидат подготвени да реагираат и да одлучат кој треба да прими одредена вакцина ако тие се достапни во ограничени количини.
Најдобро е вакцинацијата да се повторува
Многу фактори влијаат врз имунитетот, вклучително и генетските фактори, возраста, хроничните заболувања и други состојби кои го ослабуваат имунитетот: физичкото исцрпување, лошата исхрана и слично. На пренесувањето на сите респираторни инфекции, вклучително и на грипот, влијае присуството на повеќе луѓе во затворен простор, па затоа е важно да бидете на отворено колку што е можно повеќе. Имунитетот кон некои инфекции ослабнува со текот на времето, а вирусите на грип за кои сте вакцинирани постојано се менуваат, па затоа се препорачува да се вакцинирате секоја година.
Докторите велат дека вакцинацијата е многу важна за хроничните пациенти и за лицата изложени на ризик од сериозни заболувања, компликации, па дури и зголемена смртност. Грипот се шири преку воздушен пат, обично во контакт со заболените. Затоа, сите луѓе со висок ризик (пациенти со хронични заболувања на срцето, белите дробови, бубрезите и црниот дроб, дијабетичарите, децата на возраст под 5 години, лицата над 65 години и бремените жени) треба да избегнуваат непотребен контакт со заболени, особено ако не се вакцинирани.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.