Бидејќи рестрикциите за движење ширум светот се се поголеми, тешко е да се замисли како ќе изгледа патувањето кога тие ќе бидат укинати.
Глобалната пандемија на коронавирусот е посебно погубна за туристичката индустрија, но таа закрепнала од минатите кризи и експертите веруваат дека тоа ќе биде случај повторно.
“Луѓето не се променија и уште сакаат да патуваат, но ќе мора да бидат многу повнимателни во врска со тоа што го прават”, изјавил Адам Блејк, професор по економија и шеф за истражување на одделението за туризам и угостителство на Универзитетот Бурнемаут во Велика Британија.
“Нема да им биде доволно само уверувањето дека е безбедно да се патува, туку ќе мора да видат и реални физички промени”, додал тој.
Засега не знаеме кога или како ќе мине епидемијата, но кога кризата со јавното здравје ќе се подобри, за патниците повторно да патуваат ќе мора да дојде до пад на цените, велат аналитичарите.
Патниците кои сакаат крстарење ќе дочекаат многу ниски цени кога крузерите ќе почнат повторно да работат, изјавил Кристофер Андерсон, професор по бизнис на Универзитетот Корнвел за хотелиерство во Њујорк.
Предизвик ќе биде привлекување на нови патници на крстарења, што ќе биде од суштинско значење за опстанок, рекол тој, по глобалните наслови за избивање на коронавирус на бродовите.
“Сите, без разлика дали станува збор за крстарење, преноќувалиште или хотели, ќе мора да го променат начинот на кој го надгледуваат и чистат окружението за гостите да се чувствуваат покомфорно”, рекол Андерсон.