Коментарите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека Канада треба да стане 51-та американска држава повеќе не може да се сметаат за шега и се пресметани да го поткопаат најблискиот сојузник на Америка, изјави канадскиот министер за финансии Доминик Ле Блан, клучен контакт меѓу двете земји.
Ле Блан рече дека Трамп бил насмеан кога првпат го дал коментарот на вечерата со канадскиот премиер Џастин Трудо кон крајот на ноември.
Шегата заврши“, рече Ле Блан. „Тоа е, би рекол, негов начин да сее конфузија, да ги вознемирува луѓето и да создава хаос, знаејќи дека тоа никогаш нема да се случи“, додаде тој.
На прес-конференцијата во вторникот, Трамп не само што рече дека Америка сака контрола на Панамскиот канал и Гренланд „од национални безбедносни причини“ и дека не ја исклучува можноста за употреба на воена сила за таа цел, туку продолжи да ја турка идејата дека Канада треба да се приклучи на САД како нејзина 51-ва држава.
Трамп посочи дека нема да употреби воена сила за да ја окупира огромната земја северно од САД, дом на 40 милиони луѓе и основач на НАТО, но рече дека ќе се потпира на „економската сила“.
Таа реторика за Канада „станува многу контрапродуктивна“, рече Ле Блан, кој разговараше со членовите на администрацијата на Трамп за зајакнување на безбедноста долж долгата копнена граница на двете земји за да се спречи заканата на Трамп дека ќе воведе царини од 25 отсто за канадски стоки.
Ле Блан неодамна беше назначен на министерската позиција по ненадејната оставка на претходниот министер. Тој рече дека нема да се кандидира за премиер, откако Трудо ја објави својата оставка, бидејќи сака да се фокусира на заканите на Трамп за воведување царини.