Каш Пател, кого новоизбраниот претседател Доналд Трамп го избра да го води ФБИ, неодамна бил известен од бирото дека е цел на иранско хакирање, изјавија за Си-ен-ен два извори запознаени со ова прашање.
Се верува дека хакери пристапиле до барем дел од комуникациите на Пател, според еден од изворите.
Портпаролот на транзицијата на Трамп, Алекс Фајфер, одби да коментира конкретно за ситуацијата со хакирањето во изјава за Си-eн-eн.
„Каш Пател беше клучен дел од напорите на првата администрација на Трамп против терористичкиот ирански режим и ќе ја спроведе политиката на претседателот Трамп да ја заштити Америка од противниците како директор на ФБИ“, рече Фајфер во изјавата.
Членовите на внатрешниот круг на Трамп беа цел на странски хакери во последните месеци. Минатиот месец ФБИ го извести Тод Бланш, еден од главните адвокати на Трамп и сега негов избраник за заменик државен обвинител, дека неговиот мобилен телефон бил прислушуван од кинески хакери, изјавија претходно за Си-ен-ен три извори запознаени со ова прашање. Кинеската влада ги отфрли американските наводи дека стои зад хакирањето.
Бланш беше вториот адвокат на Трамп за кој се верува дека бил цел на странски хакери. Си-ен-ен во август објави дека адвокатката Линдзи Халиган била мета како дел од посебно иранско хакирање.
Доналд Трамп Јуниор, исто така, рече дека бил информиран од ФБИ дека е „една од главните цели“ на Иран.
Иран веќе неколку години ги таргетира членовите на првата администрација на Трамп, а неодамна испрати информации украдени од неговата претседателска кампања до луѓе поврзани со кампањата на претседателот Џо Бајден ова лето.
Во јуни, ирански хакери упаднаа во е-поштата на долгогодишниот сојузник на Трамп, Роџер Стоун и ја искористија сметката за да се обидат да упаднат во е-поштата на висок функционер од кампањата на Трамп, велат истражителите.
Иранската влада ги отфрли американските наводи дека се обидува да се меша во ноемвриските избори.