Денешниот пожар и пукање во „Ќациленд“ се случиле наводно откако двајца посетители на кампот се скарале околу дневници, изјави за порталот „Нова“ потпретседателот на партијата Народно движење на Србија, Милош Павловиќ.
„Според сознанијата, на увидот е утврдено дека до размена на оган дошло поради конфликт меѓу две лица кои се редовни посетители и се скарале околу тоа кој колку пари треба да добие“, рекол Павловиќ.
Како што дополнително објасни, во тој судир едниот од нив извадил пиштол и испукал неколку куршуми, при што погодил плинска боца со греалка.
„Пламнала огнена стихија, а тој од страв ја фрлил муницијата. Потоа човекот бил разоружан и приведен. Тука нема никакво терористичко дело. Тероризам е кога вакви работи се користат за пресметка со политички опоненти и кога јавноста на Србија се доведува во заблуда. Се разбира, сето ова се прави за да се одвлече вниманието од Резолуцијата за состојбата во Србија, која беше усвоена во Европскиот парламент, а со која досега најостро се осудува режимот на Александар Вучиќ,“ заклучи Павловиќ.
Во меѓувреме, претседателот Александар Вучиќ бил запрашан да ги прокоментира тврдењата дека власта стои зад пожарот во „Ќациленд“.
Тој одговорил со изјава и објавил снимки од апсењето и сослушувањето на осомничениот за нападот во центарот на Белград, додавајќи:
„Против ‘Ќациленд’ се водеше кампања, но ние нема да го затвориме“.
Според Вучиќ, омразата поттикната од политичари и медиуми довела до терористички акт во „Ќациленд“.
Во обраќањето тој изнесе лични податоци за уапсениот човек и оружјето што го користел, а потоа емитуваше снимки од моментот кога ранетиот човек бил застрелан, како и од сослушувањето и апсењето на осомничениот.
Вучиќ изјави дека осомничениот носел канта со бензин со намера да предизвика пожар.



