Каранфилова-Пановска: Унгарскиот кредит е најлош можен договор со највисоки камати и скриени трошоци

Пред речиси осум месеци премиерот Христијан Мицкоски во четири очи договори кредит од Унгарија во висина од 1 милијарда евра. Целиот изминат период, јавноста беше под постојана пропаганда за исплатливоста на ова задолжување и убедување од Мицкоски дека со овој кредит државата економски ќе процвета и директно ќе се постигне голем економски раст, вели Фани Каранфилова – Пановска, заменик претседателка на СДСМ.

„Откако Владата конечно едвај успеа да најде начин како да го пласира кредитот до компаниите, денес сме тука да направиме детална и прецизна економска анализа на ова задолжување. Да ги презентираме клучните бројки и факти кои потврдуваат дека овој кредит е најлошиот финансиски договор за задолжување кој државата некогаш го постигнала, што јасно потврдува дека не станува збор за економски интерес на државата туку политички и можеби бизнис интерес на власта. Задолжувањето од унгарската Експорт-импорт банка, со износ од една милијарда евра,(500 милиони евра за враќање на еврообврзницата од 2018, 250 милиони евра за општините и 250 милиони евра за стопанството), отвора сериозни прашања за финансиските и институционалните импликации кои се содржани во него. Внимателната анализа покажува дека овој договор, покрај финансиските трошоци, вклучува и институционални недостатоци кои укажуваат на неподготвеност и сериозни потфрлања во процесите на водење на јавната финансиска политика“, вели Каранфилова-Пановска.

Според неа економските штети од овој договор се сериозни и далекусежни.

„1.Каматната стапка од 3,25% годишно изгледа конкурентна во споредба со просечните каматни стапки за државни заеми во регионот. Сепак, договорената дополнителна каматна стапка од 1,95% за 250 милиони евра што ќе се пласираат преку комерцијалните банки значи дека граѓаните и компаниите ќе треба да подмират ефективна камата од 5,2%. За споредба, домашните банки нудат кредити по каматни стапки под 5% односно просечна каматна стапка од 4,78% Ова значи дека кредитите од унгарските пари не се конкурентни на домашниот финансиски пазар, т.е. ќе го чинат стопанството поскапи пари, а со тоа намален потенцијал за економски раст.

2.Еден од најкритичните аспекти на ова задолжување е провизијата од 0,5% годишно за неповлечените средства. За износ од 500 милиони евра, ова значи годишен трошок од 2,5 милиони евра, или приближно 208.000 евра месечно. Со оглед на неподготвеноста на институциите за навремено ефектуирање на средствата, државата веќе ја исплаќа оваа провизија, без реална економска корист.

Имајќи предвид дека 500 милиони евра наменети за општините и стопанството легнаа на трезорската сметка во октомври минатата година, заклучно со јануари 2025, по основ на оваа провизија државата треба да има исплатено најмалку 600 илјади евра. Ова е трошок кој директно паѓа на товар на граѓаните и е уште еден пример за финансиско неодговорно управување со јавните средства. Заради неспособноста на Владата и лошата организација на пласманот на парите, граѓаните плаќаат камати за буквално ништо.

3.Дополнителниот финансиски товар за државата не се ограничува само на каматната стапка или провизиите за неповлечени средства, туку и на скриените трошоци за правни услуги, кои носат значителен ризик. Овие правни услуги, иако дел од договорот, се директно иницирани и организирани од унгарската банка, без соодветно вклучување или консултација со македонските институции. Преку овие услуги се гарантира „заштита“ и спроведување на правата на банката според договорот, со што трошоците се префрлаат врз државата. Недостатокот на транспарентност во однос на точниот износ и деталите за овие услуги создава повеќе прашања отколку одговори: Колкав е точниот износ на овие трошоци? Зошто државата прифати да ги финансира, кога тие не се директно поврзани со нејзините интереси? Зошто Владата упорно ги крие овие трошоци? Тие не само што го зголемуваат вкупниот финансиски товар, туку и укажуваат на потенцијален недостаток на институционален капацитет за преговори и анализа на вакви договори.

За кредитот од 1 милијарда евра, државата ќе плати безмалку 500 милиони евра камати во следните 15 години – сума која можеше да се насочи кон училиштата, болниците или патиштата. Прашањето кое се поставува е, дали владата очекува дека економскиот раст ќе ги оправда овие половина милијарда евра камата? Ова е невозможно и реално тешко дека ќе се случи затоа што средствата наменети за стопанството, наместо да бидат инвестирани во нови производствени капацитети, ќе завршат за мали и краткорочни проекти кои немаат никакво влијание врз економскиот раст.

Во делот на општините реализацијата е целосно фијаско. Прво требаше да се реализираат 250 милиони евра до крајот на 2024, а до тогаш не беше речиси ништо реализирано. Од 250 милиони евра кои беа наменети за општините, досега се искористени само 78 милиони евра! Ова покажува дека мнозинството општини, управувани од ВМРО-ДПМНЕ, немаат капацитет за реализација на големи инфраструктурни проекти. Парите остануваат неискористени, додека граѓаните плаќаат камати за нив“, посочува Каранфилова-Пановска.

Пронајдете не на следниве мрежи:

©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.