Кардиологот Кедев се повлекол од Советот на Алиу, наводно поради застој околу скандалот со непотребните операции на срце

Кардиологот и академик, д-р Сашко Кедев, се повлекол од „здравствениот совет“ што го формираше министерот за здравство Азир Алиу, објави „Канал 5“ повикувајќи се на извори во Министерството за здравство.

Според изворите на телевизијата, тој како причина за повлекувањето го навел застојот што се случил во започнатите контролни процеси околу скандалот што го откри токму д-р Кедев – дека приватни болници во Македонија правеле тешки и скапи операции на срце кај пациенти на кои таквите зафати воопшто не им биле потребни.

За скандалот требаше да почне со работа и комисија составена од странски експерти, но засега од тоа нема ништо. Засега нема потврда дали и кога ќе почнат со работа комисијата со странски експерти за откривање на овој скандал.

Пред пет и пол месеци, во август лани, Кедев изјави дека во некои болници имало пракса да се изведуваат операции на срце од кои пациентите немаат медицинска потреба.

„Најголем дел од мојата консултативна активност е во одвраќање на луѓе од непотребни интервенции, непотребни стентирања, непотребни операции. Ние во моментот се соочуваме со нешто застрашувачко, а тоа се тие непотребни интервенции кои што се профит ориентирани. Имаме пролиферација на приватни болници, на кои што интересот им е профитот. Тоа се лесно докажливи работи, ние имаме докази дека одредени центри треба да се затворат од медицински аспект. Да се случува тоа во Англија или Америка тоа ќе биде под клуч. Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба, имаме докази за тоа. Тоа е фасцинантно нешто, кое што треба релевантните институции да преземат нешто, пред се министерството за здравство и фондот, бидејќи тие плаќаат некои од овие интервенции. Зборуваме за многу сериозни етички проблеми, поврзани со профит“, рече тогаш Кедев.

Пронајдете не на следниве мрежи: