Катар: Подготвен е текст за можен договор меѓу Вашингтон и Техеран

Напредуваат дипломатските напори за надминување на кризата меѓу САД и Иран, а посредниците веќе разменуваат нацрт-документи за можен договор, соопшти портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Маџед ал-Ансари.

Тој истакна дека Катар, заедно со Оман, активно посредува во индиректните разговори меѓу Вашингтон и Техеран и дека сите страни продолжуваат со дипломатските активности.

„Текст на можен договор веќе е подготвен и се доставува до страните на разгледување“, изјави Ал-Ансари, додавајќи дека целта е да се постигне краткорочно решение кое ќе ги врати двете земји на преговарачката маса.

Иако засега нема договорени директни разговори меѓу САД и Иран, посредниците изразуваат надеж дека актуелните преговори ќе создадат услови за поширок договор и намалување на тензиите во регионот.

Во меѓувреме, ситуацијата во Ормуцкиот Теснец останува напната. Воениот советник на врховниот лидер на Иран, Мохсен Резаи, предупреди дека Техеран нема мирно да ја прифати американската блокада врз иранскиот извоз и дека нема да дозволи бродови да пловат надвор од рутите што ги одредил Иран.

Резаи порача дека американските воени бродови кои би користеле други пловни коридори би можеле да бидат цел на напад.

Спорот меѓу САД и Иран околу слободата на пловидба, можните патарини и контролата врз Ормуцкиот Теснец продолжува, додека регионалните посредници се обидуваат да договорат модел за безбеден поморски сообраќај низ иранските и оманските води.

Во исто време, американскиот секретар за финансии Скот Бесент изјави дека договор за нормализирање на сообраќајот низ Ормуцкиот Теснец би можел да биде постигнат во текот на денеска или утре. Според него, бродскиот сообраќај веќе постепено се интензивира и низ теснецот повторно минуваат сè повеќе пловни објекти.

Пронајдете не на следниве мрежи: