„Случајот со загадената вода во Гостивар е уште една потврда дека институциите под оваа власт не функционираат кога се најпотребни за граѓаните. По трагедијата во Кочани, до денес ништо суштински не е променето. Еве, сега го имаме и Гостивар, каде повторно гледаме задоцнета реакција, институционален молк и избегнување одговорност“, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, во гостувањето во емисијата „Вести плус“ на Канал 5.
Тој посочи дека одговорноста мора да ја понесат сите надлежни институции – од Владата и здравствените власти, до Институтот за јавно здравје и сите институции кои имале законска обврска навремено да реагираат.
„За ова што се случува во Гостивар, одговорноста е на сите нивоа – од централно до локално. Досега не слушнав дека некој од министрите чувствува одговорност. Зошто затајувањето на здравствените власти не понуди никаква одговорност? Моментот кога првите 200 граѓани од Гостивар се пријавиле во болница не значел ништо ниту за здравствените власти, ниту за Владата. Првичната реакција следува дури по пет или шест дена“, нагласи Спасовски.
Спасовски потенцираше дека токму ваквото институционално постапување покажува како оваа власт ја води државата.
„ Треба да се признае. Да се признае дека ни се случи Кочани и дека нема никаква промена во системот. И дека сега ни се случува ова што се случува во Гостивар, а институциите една недела молчат и ништо не прават во тој момент“, рече Спасовски.
Тој нагласи дека јавноста сè уште нема одговори на најважните прашања – каков бил квалитетот на водата, колку испитувања биле направени и какви биле резултатите од нив.
„До ден-денеска немаме никаков одговор во однос на тоа каков бил квалитетот на водата, колку испитувања биле направени и така натаму. Ако мострите покажале дека водата била исправна, тогаш треба да се утврди што се случило, како се направени тие испитувања и дали извештаите реално ја отсликувале состојбата“, рече Спасовски.
Спасовски посочи дека Институтот за јавно здравје има законска обврска континуирано да ја следи исправноста на водата за пиење и да постапува навремено.
„Што правел Институтот за јавно здравје? Тие се обврзани да ја прават контролата на водата, не само во еден град, туку во сите градови“, истакна Спасовски.



