Кацарска: Иако на никого не му се допаѓа името на државата е наведено во Уставот и мора да се почитува

Досегашната претседателка на Уставен, Добрила Кацарска, коментирајќи го однесувањето на претседателката Гордана Силјановска – Давкова за време на заклетвата во Собрание вели дека иако на никого во Македонија не му се допаѓа името, тоа сепак е наведено во Уставот, а тој мора да се почитува.

-Јас сум убедена дека не постои Македонец кој е среќен со промената на името, сите ние би сакале да остане нашето вековно име, но за жал реалноста е таа. Името е сменето и во самиот Устав е наведено кое е нашето име, и сега сметам дека ние сме должни да го користиме уставното име, а тоа е Република Северна Македонија, рече Кацарска, во гостување на ТВ Телма.

Во однос на изборот на нов претседател на Уставен изјави дека нема да предложи ниту еден кандидат, за тоа да не биде сфатено дека пренесува нечија порака.

-Да не помисли некој дека јас пренесувам нечија порака, дека некој ми кажал кого да предложам, или нешто слично. Знаете, секогаш нешто погрешно се толкува во јавноста, рече Кацарска во емисијата Топ тема на ТВ Телма.

Гласањето е тајно, вели претседателката на Уставниот суд, а за кого ќе гласа не може да каже. Кацарска кажа дека досега никој не и се јавил да лобира за никого.

Претседателката на Уставниот суд, зборувајќи за случаите во кои била нападната, рече дека претходни случаи кога била нападната не ги пријавила, вклучувајќи го и физичкиот напад што го имала во Грција.

– Во периодот кога го судев предметот за поранешниот премиер Никола Груевски, кога ја објавив пресудата после неколку дена отидов една недела на одмор во Грција, со моја пријателка. Бев физички нападната на плажа, бев удрена со клоца во ногата, во пределот на глуждот. Имав голем оток, имаше модрица и со таква нога јас возев до Скопје. Не пријавив за тој настан. Сметав дека е изолиран случај, и токму затоа наредниот ден заедно со другарка ми се вративме во Скопје, рече Кацарска.

Обезбедувањето, како што кажа, го добила по претходна безбедносна проценка, а таа лично не барала такво нешто. Кацарска рече дека не се чуствува безбедна, но оти нема сознанија кој ги предизвикува овие напади и дека што и да каже ќе биде во рамки на шпекулации.

Пронајдете не на следниве мрежи: