Ким Џонг Ун оди во Русија, со Путин ќе договара испорака на оружје

Севернокорејскиот претседател Ким Џонг Ун планира да отпатува во Русија овој месец за да се сретне со претседателот Владимир Путин, изјави американски претставник за CBS.

Двајцата лидери ќе разговараат за можноста Северна Кореја да ѝ испорача оружје на Москва за да ја поддржи нејзината војна во Украина, рече претставникот.

Не е сосема јасно каде ќе се одржи средбата.
Ким најверојатно ќе патува со оклопен воз, изјавија извори за The New York Times.

Можната средба доаѓа откако Белата куќа соопшти дека има нови информации дека разговорите за оружје меѓу двете земји „активно се движат напред“.
Портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби, изјави дека рускиот министер за одбрана неодамна отпатувал во Северна Кореја за да „се обиде да го убеди Пјонгјанг да ѝ продаде артилериска муниција на Русија“. Тој додаде дека Путин и Ким оттогаш размениле писма во кои ветуваат дека ќе ја зголемат нивната билатерална соработка.

„Ја повикуваме Северна Кореја да ги прекине преговорите за оружје со Русија и да се придржува до јавните обврски што Пјонгјанг ги презеде да не испорачува или продава оружје на Русија“, рече Кирби.
Тој предупреди дека САД ќе преземат мерки, вклучително и воведување санкции, доколку Северна Кореја ѝ испорача оружје на Русија.

Средбата би можела да се одржи во градот Владивосток, на источниот брег на Русија, пишува The New York Times.
Пјонгјанг и Москва претходно негираа дека Северна Кореја ѝ снабдува на Русија оружје за употреба во војната во Украина.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.