Здравствените власти во Кина, каде избувна пандемијата на новиот коронавирус, денеска пријавија само еден новоинфициран случај. Веќе три недели во земјата пак, нема нови смртни случаи како последица од Ковид-19.
Националната здравствена комисија соопшти дека 395 луѓе се на лекување во болница, додека 949 се наоѓаат во изолација и се под надзор како сомнителни или по позитивно тестирање, иако немаат никакви симптоми.
Најновите бројки доаѓаат во момент кога Кина возвраќа на обвинувањата од американскиот државен секретар Мајк Помпео и од останатите во администрацијата дека пандемијата можеби е создадена во лабораторија во централнокинескиот град Вухан, каде вирусот првпат е откриен во декември минатата година.
Светската здравствена организација ја поддржа Кина во отфрлање на обвинувањата и поголемиот број стручњаци веруваат дека вирусот природно се развил кај лилјаците и преминал на луѓето преку други животни, најверојатно од панголини, кои се продаваат на пазарите за животни, вклучувајќи го и оној во Вухан, кој е означен како потекло на пандемијата.
Кина пријави 4.633 починати и 82.881 заразени од коронавирусот, но изгледа оти строгите правила за патување, тестирањето, карантинот и пријавувањето на сомнителни случаи и топлото време го запреа вирусот.