Кинезите испечатиле вистински мост: Сите компоненти се направени за 450 часа

Во Шангај е отворен најдолгиот бетонски пешачки мост на светот, кој е испечатен со 3D технологија, а го изградил тим од експерти од Универзитетот за архитектура во Пекинг.
Новиот мост е подигнат во Баошан, а за негова градба се искористени модерни градежни техники.
Проектиран е од професорот Су Веи Гу, а изграден е од 44 бетонски компоненти кои се изработени со 3D технологија. Мостот е долг 26,3 метри, а широк 3,6 метри.
Бетонските компоненти се испечатени со помош на две роботски раце, а за нивна изработка биле потребни 450 часа.
Според проценките на експертите, во споредба со конвенционалниот процес за изработка, заштедени се 33% од предвидените пари.


Пред почетокот на изградбата на мостот, експертите направиле помал модел на кој го тестирале целиот проект.


Целта на тестирањето било да се докаже дека мостот може да ги издржи пешаците кои поминуваат и кои се задржуваат на целата површина. Во самиот мост е вграден и систем за надгледување „во живо“, преку кој може да се видат евентуалните деформации и поместувања.
За разлика од традиционалните мостови, во овој не е вграден армиран бетон. Изграден е од материјали кои може да издржат сонце и дожд доволно долго за да ги исполни националните стандарди за градба.
Водачот на архитектонскиот тим објаснил дека сложените заоблени површини од мостот можат да се постигнат исклучиво со користење на технологија со 3D печатење.
Првиот бетонски мост кој е изграден со печатење преку 3D технологија, бил отворен во октомври 2017-та година.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.