Кирацовски во Обвинителството на распит за „Рекет“

По пратеничката Фросина Ременски, бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски денеска во Обвинителството за организиран криминал и корупција исказ треба да даде и пратеникот на СДСМ, Александар Кирацовски во врска со случајот „Рекет“.
Кирацовски претпладнево дојде во Обвинителството за организиран криминал и корупција за да даде исказ. На влегување во Обвинителството, Кирацовски рече дека е повикан како сведок и оти по распитот ќе даде изјава за медиумите.
Пратеничката Ременски вчера повеќе од два часа даваше исказ во Јавното обвинителство за, како што рече, се што е поврзано со случајот „Рекет“, со Меѓународниот сојуз и се што е во интерес на истрагата. Рече дека со индигнација ги отфрла сите поврзувања. По обелоденувањето на аферата „Рекет“, Ременски се споменуваше како почесна претседателка на Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.
Исказ за „Рекет“ во Обвинителството, претходно неделава дадоа и водителката Лила Филиповска и бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски.
Водителката Лила Филиповска на излегување од Обвинителството не сакаше да даде изјава за медиумите. На новинарските екипи им испрати бакнеж со зборовите „чао друштво“.
Мицевски пред Обвинителството изјави дека пари префрлил на сметката на Меѓународниот сојуз, а не на сметка на пензионерката Лилјана Тодоровска. Станува збор за 720 илјади евра кои, како што рече, ќе бара да му бидат вратени.
Амзоски на сметката на Меѓународниот сојуз на Боки 13 уплатил околу 260.000 евра за стратешко партнерство и деловна соработка.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.