Книжарница во Петербург продава книги со лопата преку прозорец (ВИДЕО)

Книжарницата „Фаренхајт 451“ во улицата „Мајаковски“ во Петербург поради коронавирусот од крајот на март продава книги така што продавачот во лопата ги истура преку прозорецот.
Сопственикот на книжарницата Платон Романов раскажа дека купувачите најпрвин ја нарачуваат книгата, а потоа доаѓаат под прозорецот на книжарницата да ги преземат. За да нема никаков контакт меѓу продавачот и купувачите, книгите се „испорачуваат“ во лопата преку прозорецот. На луѓето тоа им е симпатично, па многумина дојдоа само поради лопатата, истакна Романов.
Сопственикот на книжарницата вели дека од почетокот на режимот на самоизолација продажбата опаднала катастрофално – дневно се нарачуваат една или две книги. Во книжарницата сега се организираат онлајн-средби со писатели и музичари, а оној што ќе купи три книги добива маска на подарок.
Покрај тоа, во книжарницата се организираат и распродажби. На пример, на 22 април по повод роденденот на Ленин, неговите книги се продаваа по 100 рубли „за парче“. Платон Романов наведува дека тој ден биле продадени 17 книги.

„Независна книжарница не може да постои само на интернет. Тоа е пред сé „трето место“ каде што човек може да отиде и да учествува во разговор на која било тема, каде што може да дознае за книги кои претходно не му биле познати, да се напие кафе или чај… Тоа е и авторски избор на книги, затоа што секој од нас има сопствен начин на избирање. Сега пред сé е потребно да ни се овозможи работа, затоа што во спротивно многу книжарници нема да го преживеат периодот на изолација. Уште еден месец карантин за повеќето од нас може да биде фатален.
Кон крајот на март сопствениците на книжарниците потпишаа петиција во која бараат од властите поддршка за време на пандемијата на коронавируост. На петицијата има преку сто потписи. Меѓу нив се и претставниците на петербуршките книжарници „Потписние изданија“ (Подписные издания), „Парјадак слов“ (Порядок слов) и „Все свободни“ (Все свободны), а исто така и неколку издавачки куќи.

Извор: РУСИЈА БИЈОНД

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.