Кога децата бараат да им купиме сè, кога прашуваат дали сме сиромашни… Еве што сè треба да знаат за парите

Крајот на годината подразбира купување подароци, на кои децата најмногу се радуваат. Иако смислата на празниците не е во материјалните работи, тие се – сакале да признаеме или не – еден од подрагите моменти, а кога се децата во прашање, тие најмногу чекаат на нив. Парите ни овозможуваат удобен живот, па и остварувањето на тие помали или поголеми задоволства, но тоа тоа не е мерило за среќа. И со парите треба да знаеме да управуваме, а тоа е – велат психолозите – вештина која ја учиме во семејството.
Децата почнуваат да ја разбираат силата на парите штом ќе почнат да ги препознаваат своите најдраги играчки во продавница – веќе од 3 години, вели д-р Гордана Булјан Фландер, психолог и директорка на Поликлиниката за заштита на децата во град Загреб. Децата од претшколска возраст веќе можат да го поимаат фактот дека парите се клуч за многу работи што тие ги сакаат. И покрај агресивниот маркетинг, родителите се сепак оние од кои децата најмногу учат – од нивната невербална комуникација, разговорот за тоа како ќе се управува со парите и како ќе се трошат. Треба ли да се чудиме на детското трошење кога многу од нив од малечки го учат тоа од родителите – трошењето пари? Ако погледнеме во некој од градските шопинг-центри во текот на викендот, ќе се увериме дека е преполн со луѓе што само трошат и трошат. Трговските центри станаа новите семејни места за дружење, а одамна е позната мислата дека нема подобра терапија од шопинг. Колку пати сте му рекле на детето дека нема повеќе нови играчки, а само за да избегнете сцена на јавно место и детето да престане со плачење, веднаш сте му купиле нешто што сакало. Децата чии родители не ги научиле на самоконтрола кога се парите во прашање, и како возрасни нема да можат да воспостават рамнотежа за штедење и потрошувачка, поради што, сметаат психолозите, многу веројатно ќе завршат во „жив песок“ од долгови.


Повеќето родители чувствуваат непријатност кога треба да разговараат со децата за пари. Зошто? Изгледа дека најголема препрека е скриеното значење на парите. Парите или нивниот недостиг е во самото јадро на нашите животи – во тоа како живееме и како се гледаме себеси во однос на другите. Тоа прашање поттикнува многу емоции и животни теми. Разговорот на таа тема поттикнува среќавање со сопствените маани. Контролата на сопствените силни емоции поврзани со парите не е лесна. Без разлика колку имаме, некој друг секогаш има повеќе. Без разлика колку мудро трошиме, штедиме или инвестираме, сè уште се сомневаме во своите одлуки. Луѓето често ги користат своите пари за да ја докажат јачината на својата лојалност и предаденост – вели д-р Булјан Фландер.
Кога и како да се разговара за пари?
Детето сфаќа дека парите се важен сегмент во животот и дека благодарение на парите, некои работи ни стануваат достапни. Објаснете му на детето дека парите обезбедуваат удобен живот за вашето семејство и другите луѓе, но дека тоа не е мерило за среќа, задоволство, ниту пак ги одредува односите меѓу луѓето. Односот кон парите секојдневно се учи преку мали животни ситуации. Тоа не е разговор кој се прави еднаш – ако на пример сметате дека играчката не вреди за парите што се бараат за неа, објаснете му го тоа на детето и кажете му што сè може да добие за тие пари. Без разлика на состојбата на вашата банкарска сметка, детето мора да биде свесно дека не може да купи баш сè и дека родителите макотрпно работат за да обезбедат нормален живот. Со тоа уште од малечко го учите детето на одговорност и станува свесно дека за повеќето работи во животот треба да се потруди.
Наместо да им ја купите секоја играчка што ќе ја посакаат, обидете се да им ја разбудите креативноста на децата, на пример, обидете се од картон, хартија, дрво и слични материјали самите да изработите играчки.
Поттикнување на хуманоста
Способноста за емпатија е вредна човекова особина која детето исто така мора да ја научи во средината во која живее. Ако од малечко го учите детето да дели работи и да им помага на оние што им е тоа потребно, тоа ќе развие голем степен на моралност и свесност за другите. Еден од начините да ги поттикнете тие особини е преку парите. Разговарајте со детето за тоа дека некои деца немаат пари да купат многу играчки, слатки или други работи, па дека не е во ред другите да претеруваат во тоа. Предложете му на детето да подари некои од своите играчки на некој што нема. Детето така се учи на хуманост, а и на тоа дека не треба претерано да се врзува за материјалните работи.
Давање џепарлак
Пред да тргне на училиште, не треба да му давате џепарлак. Детето од основно образование нека има одреден износ на пари во својот паричник, но нагласете му дека со нив мора да располага одредено време. Ако ги потроши парите на слатки, мора да биде свесно дека другиот ден нема да добие ништо. Така од малечко ќе научи да располага со тоа што го има.
Слобода со „негови“ пари
Детето мора да биде свесно за последиците од прекумерното трошење. Ако еден ден потроши сè, следниот ќе нема ништо. Така секојпат учи да донесе одлуки за последиците. Џепарлакот на детето е негова сопственост, но и негова одговорност. Многу родители грешат кога му ги одземаат парите на детето дадени од бабата, дедото и други – дозволете му да ги употреби на начинот на кој сака, само понудете му совет и помош околу наоѓањето алтернативи за тоа каде може да ги потроши парите, советува д-р Булјан Фландер.
Дали сме сиромашни?
Децата постојано се споредуваат со другите, па природно е да сакаат да го имаат она што го имаат другите бидејќи не сакаат да бидат различни. Многу рано се свесни колку нивниот стил на живот се разликува од стилот на неговите врсници. На родителите им е тешко кога не можат да му дозволат основни работи на детето. Ситуацијата е уште потешка ако детето е во средина во која повеќето имаат многу повеќе. Објаснете му на детето дека патиките или играчките моментално се прескапи за вас, но дека ќе се обидете да заштедите или ќе побарате низ продавниците нешто слично. Избегнувајте ги речениците дека немате пари, бидејќи тоа предизвикува несигурност и неизвесност кај децата. Не оптоварувајте го детето со немаштијата, туку понудете му некоја алтернатива, како штедење, објаснете му дека многу работите и слично.
Единствени во одлуките
Некои мајки и татковци ја изразуваат љубовта кон децата и го надоместуваат времето што не го поминале со нив преку купување играчки, скапа облека и подароци. Така децата учат дека со трошењето може да изразуваат наклонетост. Уште поголем проблем е ако родителите имаат различни ставови за парите – еден родител троши, а другиот е воздржан со парите. Неретко тоа ја нарушува семејната хармонија, па детето добива спротивни пораки и почнува да ги поврзува парите со судири и расправии.
Скржави или штедливи
Најлесно е да се потрошат пари, а потоа остатокот од месецот да се плаче. Но, многумина ќе речат: „Што ќе ни се парите ако не ги трошиме и не знаеме да уживаме?“ Многумина имаат пари за удобен живот, но постојано се жалат за тешките времиња, немаштијата, спојувањето крај со крај. Голем број луѓе, без поголема причина, живеат во финансиски стравови кои им оневозможуваат некои основни задоволства. Секој би требало да живее во согласност со своите можности. Понекогаш ќе си дозволиме малку луксуз, но ако сме добро финансиски воспитани, ќе знаеме да ја погодиме мерата. За некои, луксуз е семеен ручек во ресторан, за други тоа се подразбира. Како и да е, најдобро е да се пронајде сопствената формула за трошење и да не се оптоварувате со мерилата според кои живеат другите. Бидејќи ако трошиме над своите можности, ќе влеземе во минус од кој тешко ќе се извлечеме, а што е уште поважно – на сопствените деца ќе им испраќаме погрешни пораки поради кои во иднина веројатно и тие ќе ги прават нашите грешки.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.