„Кога имаш силна мајка, неминовно ќе станеш силна жена“

Ја имам мојата мајка покрај себе и тоа е привилегија. Среќа. И на 14, и на 34, и се надевам дека и на 54 години, сè уште ќе ја имам мама покрај себе, бидејќи без оглед на возраста „мама“ е единствениот збор којшто не старее. Единствениот збор по којшто копнежот не престанува никогаш.
Мама е неверојатно силна жена. Таа не им потклекнува на препреките. Таа не се предава лесно. Таа плаче додека не гледа никој, а потоа со навидум невидена леснотија и насмевка нè гушка и нè теши дека на крајот сè ќе биде во ред. Дека сè ќе се заврши добро, онака како што треба.
И верувам дека многубројни се жените како мама. Независни, пожртвувани, силни и толку нежни истовремено. Жени кои ја знаат сопствената вредност. Паметни, мудри жени кои вешто ги воспитале своите деца. Да ги почитуваат другите. Да се сакаат себеси. Да се борат до последниот здив.
Кога имаш силна мајка, неминовно ќе станеш силна жена. Да си ја цениш сопствената вредност. Да не се понижуваш себеси. Да изградиш свои ставови. Да го пронајдеш своето место под сонцето. Да не дозволиш никој да те потценува и да те гледа со презир. Да си сигурна во себе, да бидеш силна, особено во моментите кога целиот свет се руши пред тебе.


Да бидеш она што си. И дека нема потреба од преправање. Тоа никогаш нема да ти донесе ништо добро. Да се облекуваш онака како што ти е удобно, да се истакнеш во она што си најдобра. Да имаш верба дека секој нов ден носи нешто добро. Да не ја изгубиш надежта бидејќи таа е светлина на крајот од тунелот.
Не е едноставно да се биде жена во денешниот свет. Да се биде силна жена понекогаш се чини како невозможна мисија. Но кога патот изгледа претежок, кога се чувствувате уморно и исцрпено, доволно е само да помислите на својата мајка. Вие сте олицетворение на нејзината сила и неуморност. Сè што е таа, сета добрина, пожртвуваност, нежност, сите овие особини се во вас.
И најбитното – не сте подобри од мажите. Не сте ниту полоши. Едноставно сте еднакви. И време е да почнете да се однесувате како такви.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.