Состојбата во германската економија е лоша. Премногу бирократија, скапа енергија и жестока конкуренција од Кина им тежат на компаниите. Се повеќе компании отпуштаат работници поради ова.
Германската економија е на работ на рецесија – а индустријата е особено погодена од кризата. Во седиштата на големите компании владее песимизам. „Тие најмногу страдаат поради намалената конкурентност на Германија како деловна локација“, вели Улрих Катер, главен економист на Декабанк. Многу компании најавуваат мерки за штедење и отпуштања, пишува ДВ.
Слабоста на германската економија има многу конкретни последици. „Индустриската криза и продолжениот економски пад оставаат свој белег на пазарот на трудот“, вели Енцо Вебер од Институтот за истражување на пазарот на труд (ИАБ). Според проценките на истражувачите, се очекува невработеноста да продолжи да расте. До пролет, велат, во Германија „нема знаци за промена на трендот“.
Неколку големи германски компании најавија масовни отпуштања во последните недели и месеци. Еве кои компании се посебно погодени:
Шефлер
Компанијата Шефлер, која произведува делови за автомобилската индустрија, најави отпуштања и затворање погони. Поради постојаните проблеми во индустрискиот сектор и слабата побарувачка на пазарот на автомобили, Шефлер планира да укине вкупно 4.700 работни места, од кои 2.800 се во Германија.
Дополнително, ќе биде затворена по една фабрика во Австрија и Велика Британија. Компанијата објави и прекин на производството на лежишта во Берндорф, Австрија, како и крај на производството на спојката во Шефилд, Англија.
Континентал
Добавувачот на автомобили Континентал планира и масовни отпуштања поради послабата продажба во БМВ, Мерцедес и други, како и поради проблемите во секторот за електрични автомобили.
Според компанијата, од средината на 2023 година веќе се укинати 5.000 работни места во развој, производство и администрација. До 2028 година планираат да укинат вкупно 7.150 работни места, од кои повеќе од една третина се поврзани со Германија.
Фолксваген
Најголемиот германски производител на автомобили Фолксваген, во кој покрај истоимената марка се и Audi, Porsche, Seat, Skoda, Cupra, Lamborghini, Bentley и Ducati се соочува со криза. Според претставниците на синдикатот, три фабрики на Фолксваген во Германија во моментов се загрозени, а десетици илјади работни места може да бидат укинати.
На компанијата и недостасуваат купувачи за повеќе од 500.000 возила, изјави Дирк Гросе-Лохајде, член на управниот одбор на брендот Фолксваген задолжен за секторот за набавки. „Доколку нема побарувачка, мораме да ги прилагодиме производствените капацитети на моменталната состојба“, објасни тој.
И директорот на брендот Фолксваген, Томас Шефер, посочува дека сегашните мерки, како што се порано пензионирање, намалување на работното време што преостана до пензионирањето на половина, без откажување на исплатите на социјалните системи и отпремнините, не се доволни за намалување на работните места. Во моментов се водат преговори со синдикатот ИГ метал, но по три рунди разговори не е постигнат договор. Предупредувачките штрајкови се планирани за почетокот на декември, додека дополнителните преговори се закажани за 9 декември.
Бош
Бош, уште еден голем снабдувач на автоделови, планира да укине до 5.550 работни места, од кои повеќе од две третини – вкупно 3.800 – ќе бидат во Германија. Точните бројки ќе се договорат во разговори со претставниците на работниците. Посебно е погоден секторот кој се занимава со развој на системи за помош при возење и автоматско возење.
Како дел од мерките за штедење, Bosch планира да воведе намалено работно време за дел од своите вработени во Германија, што ќе резултира со намалување на платите. Вкупно, околу 10.000 работници на девет германски локации беа погодени. Компанијата како причина ја наведува кризата во автомобилската индустрија и послабата побарувачка, додека резултатите во секторот на новите технологии, како автоматското возење, се под очекувањата.
ЖФ Фридрихсхафен
Добавувачот на автоделови ZF Friedrichshafen планира да укине до 14.000 од своите 54.000 работни места во Германија. Само во Зарбрикен до крајот на следната година ќе бидат отпуштени 1.800 работници. Доколку продолжи тешката ситуација со нарачките, до крајот на 2028 година би можеле да бидат укинати вкупно 4.500 работни места. Компанијата не ја исклучува можноста за затворање на фабриката.
ЗФ има проблеми и со големи долгови поради големите аквизиции, односно преземање или купување компании, а резултатите од продажбата се значително под очекувањата. „Според последните податоци, на крајот на годината ќе ни недостигаат три милијарди евра приход“, најави претседателот на Работничкиот совет Ахим Дитрих. Покрај тоа, големите долгови произлегоа од големите корпоративни набавки.
Форд
Американскиот производител на автомобили Форд планира да укине 2.900 работни места во Германија до 2027 година, од кои повеќето во фабриката во Келн. Вкупно во Европа ќе бидат изгубени околу 4.000 работни места. Иако компанијата инвестираше две милијарди евра во текот на 2023 и 2024 година во модернизација на фабриката во Келн за производство на електрични возила, очекувањата за продажба не беа ни приближно исполнети.
Тисен Круп
Најголемиот германски производител на челик, ThyssenKrupp, ќе укине 11.000 работни места во следните шест години. До крајот на 2030 година бројот на вработени ќе се намали од сегашните 27.000 на 16.000. Компанијата има намера да го намали производствениот капацитет и да ги зголеми инвестициите во еколошки технологии, кои бараат милијарди инвестиции. Дополнително, голем предизвик претставуваат увозот на евтин челик од Азија и кризата во автомобилската индустрија.
BASF
Уште во 2022 година, BASF објави програма за штедење поради зголемувањето на цените на бензинот и тешките деловни услови во Европа. Дополнителен план за штедење беше воведен претходно оваа година, вклучително и намалување на работните места во Лудвигсхафен.
До 2026 година БАСФ планира да ги намали трошоците за една милијарда евра годишно. До крајот на 2024 година, компанијата ќе елиминира 3.300 работни места на глобално ниво, од кои 2.500 ќе бидат во Лудвигсхафен. Беше најавено и затворање на три фабрики во Лудвигсхафен, вклучително и производство на адипинска киселина – клучна состојка за пластика.
Тие мерки за штедење, иако се разбирливи во сегашната економска ситуација, оставаат илјадници работници без работа и дополнително ја влошуваат состојбата на пазарот на трудот.