Кои кремови за сончање се подобри – хемиските или минералните?

Минералните кремови на површината на кожата создаваат бел заштитен слој кој ја рефлектира сончевата светлина. Хемиските ја апсорбираат УВ-светлината, но нивните состојки влегуваат во кожата и не оставаат бели траги на кожата. Без разлика каков вид крем за сончање користите, важно е да бидете сигурни дека има широк спектар на дејствување.
Кои кремови за сончање се подобри – хемиските или минералните?
Важно е да знаете дека соодветната заштита од сонце не значи само заштита од УВ-зраците (УВА и УВБ), туку и заштита од видливата светлина и од инфрацрвеното зрачење. Под УВ-заштита се подразбира заштита од УВБ-зраците кои се одговорни за настанувањето на изгорениците и за појавата на рак на кожата и заштита од УВА-зраците кои навлегуваат подлабоко и се одговорни за стареењето на кожата, за нарушувањето на пигментацијата и за појавата на меланом.
Видливата светлина влијае на несаканата пигментација, особено кај луѓето со потемен тен. Инфрацрвеното зрачење стигнува до подлабокиот дел од кожата и доведува до распаѓање на колагенот и предизвикува формирање брчки.


Во последните неколку години, т.н. минерални или поприродни кремови за сончање се сметаат за поздрава верзија за заштита на кожата, но на многумина не им се допаѓаат затоа што оставаат бел слој на кожата. Минералните кремови не се апсорбираат во кожата, туку нивната улога е да ги одбијат сончевите зраци. Хемиските кремови ја апсорбираат УВ-светлината и нивните состојки влегуваат во кожата, но имаат помека текстура и не оставаат бели слоеви на кожата.
Кремовите за сончање се поделени во две главни категории, хемиски и минерални. Двете категории го намалуваат краткотрајното и долгорочното оштетување на кожата и го намалуваат ризикот од изгореници и од појава на рак на кожата. Единствената разлика е во начинот на кој го прават тоа.
Хемиските кремови за сончање дејствуваат како сунѓер и ја апсорбираат УВ-светлината, додека минералните кремови за сончање дејствуваат повеќе како штит и ги одбиваат сончевите зраци.
Вообичаените состојки во хемиските кремови за сончање се оксибензон, авобензон, октизалат, октокрилен и др. Тие се понежни, полесно се нанесуваат и не оставаат бели дамки на кожата. Минералните кремови за сончање содржат цинк оксид или титаниум диоксид и често создаваат лепливо чувство на кожата.
Една од причините зошто минералните кремови стануваат сè попопуларни е тоа што многу луѓе се загрижени дека нивните тела ги апсорбираат состојките што се наоѓаат во хемиските кремови за сончање.
Иако е можно да апсорбирате мала количина од минералниот крем за сончање, тоа е малку веројатно затоа што тие најчесто остануваат на површината на вашата кожа и ја рефлектираат сончевата светлина, а лесно се мијат со вода.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.