Шест изборни единици кои носат 120 пратеници. Секоја од нив дава по 20, распоредени според Донтовата формула, без минималн праг или со природен праг
Колку што е битка за освојување гласови, толку е и работа на престиж и политичка моќ внатре во партиите и коалициите кој ќе ги предводи кандидатските листи
ИЗБОРНА ЕДИНИЦА 1
Во „единица“, која покриванајголем дел од главниот град, се очекува судир на лидерите, меѓу кои ќе се бара идниот премиер. Кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ носител ќе биде Христијан Мицкоски. Владејачкиот СДСМ се очекува да „истрча“ со Димитар Ковачевски кому друштво на втората позиција како т.н. коносител, пристап воведен од левичарско-центристичката коалиција на минатите парламенатрни избори, ќе му прави лидерката на ЛДП Моника Зајкова. Во трката во оваа изборна единица, според најавите, ќе се приклучи и лидерот на Левица, Димитар Апасиев. Се уште е неизвесно кој ќе ја предводи листата на владејачката ДУИ. Објаснувањето е дека во тек се разговорите дали партијата на Али Ахмети ќе настапи заедно со партиите на Зијадин Села, Мендух Тачи, Скендер Реџепи и Аријанит Хоџа. Од епилогот на тие преговори ќе зависи и носителот во „единицата“. Во оваа изборна единица носител на листата на коалицијата „Вреди“, составена од Беса, Демократското движење, Алтернатива, Таравари и поддржувачи на Самоопределување ќе биде Изет Меџити. Во „единицата“ се очекува да се кандидира и градоначалничката на Скопје и од неодамна претседателка на Нова Алтернатива, Данела Арсовска.
ИЗБОРНА ЕДИНИЦА 6
Се селиме во „шестката“, која територијално го покрива Полошкиот тетовско-гостиварски регион, традиционално, најголемо упориште на партиите на Албанците. И тука ќе сведочиме на лидерски дуел. Очекувано, кај ДУИ нема изненадување – предводник на листата ќе биде Али Ахмети. Тој ќе се соочи со претседателот на БЕСА и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами, кој ќе биде носител на листата на коалицијата „Вреди“. Договорот меѓу опозициските партии на Албанците, по одлуката Арбен Таравари да се кандидира за претседател на државата, е Касами да ја води пратеничката листа. Прва на листата на СДСМ и коалиција се очекува да биде министерката за одбрана Славјанка Петровска со првиот човек на социјалдемократската младина Марко Михаиловски како коносител. ВМРО-ДПМНЕ смета на пратеничката Дафина Стојаноска.
ИЗБОРНА ЕДИНИЦА 2
„Двојката“, која опфаќа дел од Скопје заедно со кумановско-липковниот регион, носи поголема неизвесност. Во владејачкиот табор како потенцијален двоец – предводник на листата се споменуваат заменик-претседателката на СДСМ и директорка на УЈП Сања Лукаревска и потпретседателот на социјалдемократите вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи. Но, не се исклучува и изненадување – лидерот Ковачевски да биде носител зашто е родум од Куманово, најголемата општина во оваа изборна единица. Партискиот потпретседател Владо Мисјаловски се смета за сигурен избор на ВМРО-ДПМНЕ за во „двојка“. ДУИ се уште тактизира и нејасно е кој ќе биде носител зашто преговорите за потенцијален предизборен настап со други партии на Албанците се уште траат. Кај опозицискиот блок ситуацијата е почиста – лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, е речиси извесна варијанта.
ИЗБОРНА ЕДИНИЦА 3
И во тројката која го покрива источниот дел од Северна Македонија, засега, работите не се докрај јасни. Многу е можно листата на социјалдемократите да ја води истиот човек како и пред 4 години – министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Но, не се исклучува да се вклучи и екс-министерот за внатрешни работи Оливер Спасовки кој во минатото, вообичаено, фигурираше во „двојката“. На другата страна, кај ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, се очекува предводник да биде пратеникот Драган Ковачки кој е и член на ИК на партијата.
ИЗБОРНА ЕДИНИЦА 4
Во четвртата изборна единица работите стануваат поинтересни – можен е политички камбек на поранешниот министер за здравство Венко Филипче како носител на листата на СДСМ. Неговото враќање по двегодишна пауза, токму во т.н. струмичко-прилепска единица, се поврзува со помирувањето меѓу екс партискиот шеф Заев и актуелниот лидер Ковачевски. Филипче важи за човек од доверба на Заев со кого го врзува и лично пријателство – често може да се видат заедно, делат и хоби – возење мотоцикли. Кај ВМРО-ДПМНЕ нема изненадување – прв на листата се очекува да се најде Александар Николоски, долгогодишен пратеник и еден од четворицата партиски потпретседатели.
ИЗБОРНА ЕДИНИЦА 5
И „Петката“, битолско-охридско-кичевската изборна единица спаѓа во редот неизвесни од аспект на тоа кои ќе бидат носители. Кај социјалдемократите неколку имиња се во игра, како актуелниот претседател на Собранието, Јован Митрески, кој доаѓа од Струга, потоа актуелната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, родена во Битола, а не се исклучува и варијантата листата да ја предводи генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ-Вардарски. Слична е ситуацијата и кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ – информациите се дека можни решенија се генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски, но и градоначалниците на Битола и на Охрид, Тони Коњановски и Кирил Пецаков. Но, можно е и изненадување, носител да биде доскорешниот претседател на МАНУ, Љупчо Коцарев, познат по острите, а некогаш и радикални настапи, за Охридскиот, Преспанскиот и договорот со Бугарија.
Рокот за внатрепартиски анализи и пазарање истекува на 2 април на полноќ до кога кандидатските листи треба да се поднесат до Државната изборна комисија.