Кои се протоколите и условите за патување и престој во Грција?

Туристичката сезона во Грција од вчера официјално започна, а по 14 месеци пауза, дозволен е влез и за македонските државјани, но рампата е крената само на граничниот премин Евзони (Богородица), додека пак патувањето е сосема поинакво од она на што бевме навикнати пред пандемијата.
Кои се протоколите за патување во Грција, што е потребно за влез во земјата, кои се задолжителните документи што ги бараат грчките власти, но и кои се мерките што во овој момент се во сила во Грција и важат како за Грците, така и за туристите.
За влез во Грција, задолжителни се два документи, едниот е специјален образец (PLF) со лични податоци, адреса и траење на престојот во земјата, што се пополнува на специјален сајт до еден ден пред патувањето, а вториот е документ е поврзан со COVID-19 што докажува или вакцинација или негативен ПЦР тест или прележана болест.
Граничниот премин Евзони (Богородица) е отворен од 7 до 23 часот по грчко време, односно од 6 до 22 часот по македонско.
Грција ги признава сите вакцини, а не само оние одобрени од Европската агенција на лекови, па така освен со Фајзер, Астра Зенека, Модерна или со Џонсон и Џонсон, за посета на јужниот сосед, прифатена е потврда и за двете кинески и за руската вакцина.
За патување со сертификат за вакцинација дозволен е влез доколку се поминати 14 од ревакцинацијата, а потврдата треба да биде на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.
Податоците околу вакцинацијата треба да се внесат и во специјалниот PLF формулар.
Во случај да се патува со негативен ПЦР тест, треба да биде до 72 часа пред пристигнувањето во Грција, да биде направен во одобрена приватна или државна лабораторија и да биде на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик
Согласно министерската одлука објавен вчера, во Грција може да се влезе и со потврда за прележан COVID-19 или да покажат резултат од позитивна дијагноза со ПЦР или антиген тест, што е валиден од два до девет месеци од датумот на заболување наведен во документот.
Овие правила не важат за децата до пет години.
Сите посетители на Грција, може да бидат подложени на тестирања по случаен избор со брзи тестови при влезот, доколку се тестираат, ќе треба да ги почекаат резултатите, а во случај на позитивен тест, ќе бидат во 14-дневен карантин.


Што треба да пополни секој кој планира да патува во Грција?
Од 1 јули 2020 година, со почетокот на ланската туристичка сезона, грчката Влада воведе специјален образец (PLF), задолжителен за сите оние кои пристигнуваат во Грција, без разлика дали е тоа со авион, со брод или преку копнените граници, а ќе добијат единствен QR-код што е поврзан со алгоритамот за селекција на лица што ќе бидат тестирани со рапид тестови за COVID-19 по случаен избор.
Па така, македонските граѓани ќе треба, до еден ден пред патувањето да се регистрираат на специјалната интернет страница https://travel.gov.gr/#/ и да го пополнат „Passenger Locator Form (PLF)“, односно образецот со лични податоци, траење и адреса на престојот во Грција, а на граничните премини може да се покаже или од мобилните телефони или во отпечатена верзија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.