Коледарчињата тропнаа на вратата на претседателот Иванов

Во пресрет на големиот христијански празник Божиќ домот на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес  го посетија децата од Центарот за едукација на македонски фолклор „МИТЕВИ“ од Скопје, кои ја донесоа Божиќната литија и со песната „Вечниот Бог” го најавија Христовото раѓање.
Сопругата на македонскиот претседател, г-ѓа Маја Иванова, од името на семејството Иванови на сите православни христијани им посака да имаат благословена, тивка и света бадникова вечер.
„Една голема мудрост вели дека секој од нас има лице од кое што треба да дава насмевки. Има усна од која што треба да изговори добри зборови, да прави добри дела и очи да ги види добрите работи кај луѓето околу нас. Или, како што рекол Св. Климент, веќе не само за овие празници, туку и секој ден треба да шириме насмевки, да кажуваме добри зборови, да правиме добри дела. Да се натпреваруваме во добрина“ истакна г-ѓа Иванова и додаде дека честитајќи го Божиќ посакува Христовата светлина да влезе во секој христијански дом и да го осветлува патот на слогата, на радоста, на љубовта и на успесите.
Г-ѓа Иванова, изјави дека семејните вредности и традиции и оваа година традиционално ги отвориле вратите на нивниот дом.
„Среќа, радост, песна, насмевки од нашите денешни гости, денешните бадникари, кои со песната „Вечниот бог“ ни го навестија Христовото раѓање, ни го навестија раѓањето на Богомладенецот“, рече г-ѓа Маја Иванова.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.