Колку долго ќе тагувате за поранешното момче или девојка зависи од начинот на раскинувањето. Ако сте ги добиле сите одговори, времето за лечење ќе биде пократко. Но ако тоа не е така, посебно ако имало изневерување, болката ќе трае подолго.
Тагата после раскинувањето може да биде долготрајна, па се чини дека поминале месеци или дури години без значајни промени во вашата емоционална состојба. Нема вистински одговор на прашањето колку време треба да помине за да преболите некого. Сериите „Сексот и градот“ и „Како ја запознав мајка ви“ велат дека болката по раскинувањето трае околу половина од времето поминато заедно. Така што, ако сте биле заедно две години, ќе ви треба околу една година да го преболите бившиот партнер.
Едно истражување од 2007 година покажало дека 71% од луѓето кои неодамна раскинале, се чувствувале подобро после три месеци, додека истражување од 2018 вели дека се потребни шест месеци.
Психотерапевтите тврдат дека не постои стандардизиран одговор за тоа колку време е потребно да се преболи некого, а исто така, сѐ зависи и од личноста. Зависи од тоа колку личноста вложувала во врската и дали се надевала дека ќе потрае. Ако навистина сте мислеле дека врската ќе трае подолго, тогаш поверојатно е дека ќе ви биде потешко. Исто така, доколку сте изневерени тоа може да го отежни заздравувањето. Во овој случај, освен тоа што раскинувате со некој што го сакате, во исто време треба да се носите со фактот дека тој некој што сте го сакале, свесно сакал да ве повреди.
Како може да знаеме дека сме преболеле некого?
Единствениот начин да се помириме со раскинувањето е целосно да се препуштиме на болката и да си дозволиме да тагуваме за она што сме го изгубиле. Иако звучи како клише, времето ќе ви помогне при лечењето на љубовните рани.